Разноликоста како начин на живеење

Ако сте љубител на пишаниот збор, како линк кој реалноста ја претопува во фиктивна вистина, заробена и неповратна, ако ја цените мислата и идејата која не секогаш е линеарна и ако лиричноста е вашиот порив, е – списанието Разноликост (Diversity) меѓународно списание за книжевност и уметност, е можност за уживање, не само во делата на македонските, туку и на автори од целиот свет.

На 6 мај во МКЦ, „Разноликост’ ќе го одбележи Светскиот ден на разноликоста како „начин на живеење“, со  почеток во 19,00 часот, со групна изложба, надреалистичка игра модерирана од Ања Илиева, мини саем, хуманитарна акција и книжевно читање на повеќе јазици.

Меѓу авторите кои ќе читаат свои стихови, раскази и извадоци од романи се Катица Ќулафкова, Џабир Дерала, Васко Маглешов, Владимир Мартиноски, Ферид Мухиќ, Марија Грубор, Румена Бужаровска...

As one in diversity

Инаку, почетоците на „Разноликост“ како јазична колекција на поезија, фикција и есеј на Меѓународниот ПЕН, почнуваат во 2003 година. Оттогаш се издадени дела на околу двесте и педесет автори од целиот свет и антологии на околу четириесет различни книжевности од светот кои се достапни и на веб-страницата на „Разноликост“.

Основач на „Разноликост“ е Катица Ќулавкова, претседателка на Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН, а македонскиот тим го сочинуваат главниот уредник Никола Маџиров, уредниците Владимир Мартиноски, Магдалена Делкова, Горјана Јордановска, Тони Димитров, Стефан Алијевиќ, Ања Илиева и преведувачите Игор Поповски и Роберт Раман.

Меѓу авторите во чии дела можете да уживате ако ја посетите страната на „Разноликост“ се и Гоце Смилевски, Ермис Лафазановски, Катица Ќулавкова, Ристо Лазаров, Горан Стефановски, Џонатан Калер и многу други.

Меѓу другото во најновиот број на „Разноликост“, можете да го прочитате освртот на  Тони Димитров на групата Darkwood Dub, избор поезија на Снежана Стојческа, расказот Песочен сон на Ирис Гарсија Куева.

Print Friendly, PDF & Email