ЦИВИЛ ги активира сите капацитети за мониторинг на изборниот процес

ЦИВИЛ – Центар за слобода го поздравува исходот од преговорите меѓу лидерите на четирите најголеми партии и исполнувањето на условите на политичкиот договор од 20 јули. Истиот момент кога беше објавено постигнувањето на договорот за одржување предвремени парламентарни избори на 11 декември, ЦИВИЛ и официјално ги активира сите капацитети за долгорочен изборен мониторинг. 

Воедно, ЦИВИЛ предупредува дека исполнувањето на условите од политичкиот договор за надминување на политичката криза имаат повеќе формална природа, отколку суштинска. Факт е дека суштински реформи не се спроведуваат, а на теренот и во медиумите беснее валкана политичка кампања. Злоупотребите, притисоците и политичката корупција не стивнуваат.

Република Македонија е исправена пред сериозни предизвици во претстојниот период. ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани да се вклучат во напорите земјата да излезе од оваа долгогодишна криза и да го одбранат своето гласачко право.

Секој вид на политичка корупција, притисок, закана, злоупотреба или каков и да е облик на кршење на човековите права и слободи треба да се пријави. ЦИВИЛ ќе ги алармира политичките партии и институциите и ќе ги повикува на одговорност. Политичките партии и институциите мора да преземат соодветни чекори да се спречат понатамошни нарушувања на процесот на демократизација.

ЦИВИЛ ќе ја интензивира својата комуникација со јавноста и ќе продолжи да ги објавува своите наоди од теренот на дневна основа.

Ги повикуваме сите граѓанки и граѓани да пријават злоупотреби, злоупотреби, притисоци, дискриминација, корупција и други облици на незаконско работење кај ЦИВИЛ во секое време. Тоа може да се стори преку онлајн формуларот на www.slobodniizbori.info, на тел. 02 / 520 91 76, e-mail: [email protected] или лично, во седиштето на организацијата или на набљудувачите кои се овластени од организацијата, распоредени низ целата земја.

ЦИВИЛ уште еднаш ги информира сите институции во Република Македонија дека е на располагање да помогне во процесот на реформи и обезбедување услови за слободни избори.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English