Тозија: Да живее СЈО! Одамна заборавивме што значи компетентен кадар!

 

Сé уште ниеден вистински криминалец од политиката не е во затвор... Уште сме сиромаси... Воздухот е сé уште отров.. Како преживеав, ме прашувате? Не знам. Навистина, не знам...

ovana-tozia

Пишува: Јована Тозија

Пред некој ден, правев ретроспектива за сé што ми се случи во 2016-та, и со еден збор, можам само да сумирам – многу е! Да не навлегувам во приватниот дел и она што ми се случуваше на професионално поле, но и без сето тоа, она што ми се случуваше од аспект на општественото битисување – многу е!

Па, да видиме. Ја започнавме годината како една од најсиромашните европски држави со енормно загаден воздух – како и секоја година. Специјалното Јавно обвинителство ја објави првата истрага – „Титаник“. Почнаа редовните прес- конференции на СЈО. На сцена излегоа жени коишто – замислете, без да читаат од лист хартија, елоквентно, течно, професионално, литературно и граматички точно, изустуваа прости и сложени реченици со сите подмети, предмети и прироци на точните места. Цела држава се фасцинираше од способноста на овие жени, како елоквентно и течно зборуваат на тема во која што се експерти. Ни текна дека одамна сме заборавиле што значи соодветен и компетентен кадар. Па, се нижеа прес-конференциите. Јавноста, од недела во недела, не престануваше да биде шокирана.

И кога оптимизмот беше најголем и почна да се враќа меѓу луѓето доза надеж дека оние три жени, со сиот тим зад себе, ќе почнат полека да спроведуваат правда во оваа држава, излезе човекот кого нецели 8 години, јавноста го повикуваше да гукне, а тој, целото тоа време, намигнуваше!? Излезе еднаш, прозборе и ја крена државата. Ја фрли во пламен. Налет, што ни требаше да го прозиваме да зборува, убаво си молчеше човекот. Be careful what you wish for next time!

Следеше уште една пролет, во којашто ги искинав патиките од протестирање, уште една пролет помината во бес, уште една пролет на апсења и прогони, уште една пролет во која што со другарите, пријателите и познаниците, наместо на гости, во кафулиња, во парк или во дискотеки, се гледав на улица, за време на протести. Уште една пролет, помината со водени топови вперени кон нас – „хулиганите“.

Попушти на крај она растение од претседател, ги повлече аболициите, па се смири малку ситуацијата. Па, фатија летни одмори, кај нас, криза-некриза, до Грција мора да се „скокне“, во море мора сé да се искапе, политичката битка секогаш, може да почека...

И на крајот од годината имавме избори во кој што сите, освен Левица, славеа победа.

Сé уште ниеден криминалец од политиката не е во затвор.

Уште сме сиромаси.

Воздухот е сé уште отров.

Како преживеав, ме прашувате?

Не знам. Навистина, не знам.

Веројатно преживеав затоа што збудалев. „Овде мораш бити луд, да би остао нормалан“...

 

(Авторката е граѓанска активистка)

Print Friendly, PDF & Email