Како се финансираат политичките партии?

Како се финансираат политичките партии и нивните изборни кампањи? Кои се искуствата на Република Хрватска во оваа сфера и како тие искуства може да се пренесат во македонскиот контекст? Кои се предизвиците пред кои се наоѓа Македонија, имајќи ги предвид досегашните искуства од спроведувањето на изборите? Овие и низа други теми и прашања се на дневниот ред на дводневните консултации и работилници (18-19 ноември), во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Александра Јозиќ Илековиќ од Центар за одличност при хрватското Министерство за надворешни работи и Драган Зелиќ од ГОНГ го сочинуваат експертскиот тим кој на ЦИВИЛ му помага да ги зајакне капацитетите и вештините во спроведувањето на проектите поврзани со набљудувањето на изборните процеси. На покана на ЦИВИЛ, повеќе претставници на граѓанското општество, организации и иницијативи, беа дел од консултациите и работилниците, меѓу кои и Хелсиншки комитет за човекови права, Секуритас (Прилеп), Антико (Гостивар) и Студентски пленум.

Членовите на експертскиот тим од Хрватска, ги пренесе информациите и знаењата за состојбите околу финансирањето на политичките партии во нивната земја, низ бројни истражувања и анализи. Учесниците навлегоа во детални анализи, дискусии и компарации на законските регулативи за финансирањето на политичките партии и изборните кампањи, за состојбите, законската рамка и праксата во Република Македонија, за искуствата во Хрватска пред и по воведувањето на новата законска легислатива во однос на финаснирање на политичките партии и партиски кампањи, како и за предизвиците и можностите за примена на хрватското искуство во македонски контекст.

Средбите и работилниците се одржуваат во хотел Опера Хаус, во Скопје, од 10:30 до 14:30 часот.

Консултациите и работилниците се организираат во рамките на проектот Слободни избори за слободни граѓан(к)и, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian