Народниот правобранител: Родителите да не ги носат децата на митинзи

По алармирањето на набљудувачите на Цивил дека децата се злоупотребуваат за политички кампањи, Цивил-Медиа се сретна со заменичката на Народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа. Таа ни потврди дека децата не смееат да бидат дел од активностите во партиските кампањи.

DSCN4098

“Ние ја следиме ситуацијата и, според тоа што имаме видено, овие деца излегуваат со своите родители. Ние како институција не може да направиме ништо, само да упатиме апел до родителите да се воздржуваат и да не ги злоупотребуваат децата за нивните партиски и политички цели”, рече Бајрамовска-Мустафа.

До денеска, до Народниот правобранител не пристигнала никаква жалба за злоупотреба на децата во кампањи. Но, граѓаните се жалеа за тоа што ги нема на избирачкиот список, агитации од политичките партии, лепење плакати по ѕидови на приватни куќи.

Народниот правобранител, во пресрет на кампањата за претседателските и предвремените парламентарни избори, упати апел до сите чинители во изборниот процес за неопходната потреба за водење сметка за интересите на детето, односно да се воздржуваат од инволвирање на децата во изборните кампањи. Тоа значи одбегнување на сите обиди за евентуална манипулација, како и злоупотреба на децата за партиско-политички цели. На  минатите избори имаше случаеви каде децата беа користени во политички настани, спотови и билборди.

Арбана Ќерими

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian