Прес на ЦИВИЛ во 18 часот: Избирачкиот список во многу лоша состојба!

Преку 2.000 граѓанки и граѓани од сите страни на Македонија, денеска не можеле да го остварат своето уставно право на глас. Избирачкиот список е во многу лоша состојба, констатира ЦИВИЛ - Центар за слобода, врз основа на обработените 238 пријави за случаи од преку 550 извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ и ГОНГ, коишто се на терен во текот на денот.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на прес-конференцијата во 18 часот, истакна дека не се само овие, туку извештаи за изборни нерегуларности до ЦИВИЛ стигнуваат секој момент.

„Повеќе од 2.000 граѓани низ целата држава, денеска не можеле да го остварат своето гласачко право. Шестмина нема на списокот на избирачкото место 109. Исто така, на избирачкото место 6364 не можеле да ги добројат луѓето коишто не биле на Избирачкиот список. Сепак, неколкумина го оставариле своето право на глас. Состојбите на Избирачкиот список на избирачките места 63, 1451, 1445 говорат за многу нерегуларности. Иста состојба е констатирана во Струга, Автокоманда, Центар, Чаир“, посочи Дерала.

Тој истакна дека изборниот молк во Република Македонија речиси и да не се почитуваше. Еклатантен пример за тоа, според Дерала е Општина Демир Хисар.

„На избирачкото место 648 во Демир Хисар, член на Избирачкиот одбор, често излегувал надвор од избрачко место. Тој по телефон ги повикувал граѓаните да гласаат. Доаѓаат извештаи дека членови и на други избирачки одговори им сугерирале на гласачите за кого да го дадат својот глас. Во Општина Гази Баба пред училиштето '25 Мај', полицијата запрела возило под сомнение дека превезува луѓе за гласање и дека се одвивала агитација. Во оваа интервенција се одземени и пасоши“,рече Дерала.

Тој истакна дека продолжуваат притисоците врз набљудувачите на ЦИВИЛ. „Граѓани неовластено и противправно задржаа наш набљудувач, полицијата го расчисти случајот, на би се рекло, неговото кратко киднапирање. Овој тренд нѐ следеше цел ден, но последниве два часа опадна“, рече претседателот на ЦИВИЛ, Дерала.

Повикувајќи се на извештаите од наљудувачите, тој забележа дека во Битола, на избирачко место 39 имало мал инцидент, во кој маж на 50 години, насилно зел гласачко ливче, го заокружил и насилно се обидел да го стави во кутијата. Но, сепак, бил спречен од Избирачкиот одбор и ливчето било прогласено за неважечко.

„Во Шуто Оризари во кршење на изборниот молк биле инволвирани деца. Во Прилеп на многу граѓани, денеска им биле издадени лични карти, откако вчера се фотографирале за овие документи“, изјави Дерала на прес-конференцијата на ЦИВИЛ, од хотелот Сити парк, каде од изутрина од 6,30 часот е отворен колцентарот на ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email