Презентирани мерките за итни демократски реформи

„Предлог документот за итни демократски реформи“, подготвен на иницијатива на 40-тина граѓански организации, беше повод за денешната конференција во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје, на која невладиниот сектор ги презентираше своите препораки и предлози за надминување на долгогодишната политичка криза

Претставниците на невладини организации, пред присутните граѓани и претставници на политички партии, ги акцентираа мерките, коишто се услов за квалитетни реформи во сите сфери на функционирање на државата, содржани во документот со предлог мерките за итни демократски промени.

предлог мерки 1

Реформите во ДИК и транспарентен и инклузивен Избирачки список се дел од клучните мерки коишто се вградени во поглавјето „Избори и изборен систем“.

„Покрај ‘Мост’ во оваа област придонесе и ЦИВИЛ. Тоа што може да се констатира е дека заложбата на оваа група организации е да дојдеме до реформи, услови за кредибилни избори, а потоа, да се постави и датумот кога би се одржале тие избори. Во рамки на општите изборни принципи се четири главни поенти: продолжување на реформирање на ДИК, прочистување на Избирачкиот список, оддвојување на државата од политичките партии и  надминување на слабостите на изборниот процес и изборниот систем во целост“, изјави Дарко Алексов од невладината организација „Мост“.

Потребата од реформирање на медиумската сфера е неопходна и итна, затоа што според оценките на граѓанскиот сектор, власта многу успешно ги користи медиумите како алатка во практицирање на својата авторитарна, популистичка политика.

„Граѓаните и натаму добиваат искривена слика за реалноста. Не е доволно јавниот сервис да биде само ‘исплакнат“, треба да има критички однос кон власта, треба комерцијалните медиуми да се ослободат од клиентелистичкиот однос на власта и да се укине политичкото рекламирање за време на избори. Сите јавни институции да бидат отворени за медиумите, а на новинарите да им се гарантира безбедност при извршување на нивните работни задачи“, посочи Снежана Трпевска, од Институтот за комуникациски студии.

Бранимир Јовановиќ, независен финансиски експерт, ангажиран при подготовка на Предлог документот, посочи на огромната нетранспарентност и недисциплина при финансиското работење на власта.

„Предлагаме објавување двонеделни буџетски планови и извештаи за извршување на буџетот, воспоставување контрола врз задолжувањето на Владата, оценка на неисплатените обврски по основ на ДДВ, евалуација на процесот на јавни набавки, на капитални проекти и други дополнителни мерки за подобрување на фискалната транспарентност и доброто владеење“, потенцираше Јовановиќ.

Во рамки на Конференцијата, на тема „Борба против корупцијата“, излагања имаше Данче Даниловска - Бајдевска од Фондацијата Отворено општество – Македонија,  Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права се осврна на мерките во ресорот „Правосудство“, а предлог мерките во „Јавна администрација“ ги презентираше Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

предлог мерки 2

Анализа на работата на Собранието и клучните предлог реформи ги образложи Јован Близнаковски од Институтот за демократија Societas Civilis - Скопје.  На тема „Контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање“, предлог мерките ги презентираше Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование, додека извршниот директор на оваа невладина организација, Бојан Маричиќ, говореше за реформите и улогата на граѓанското општество.

Лепезата мерки кои се дел од Предлогот за итни демократски реформи е документ, којшто според барањата на граѓанскиот сектор, императивно треба да биде вграден во новата програма на експертската влада. Оваа влада треба биде формирана со обврска да реализира кредибилни избори, услов за излез од актуелната политичка криза, во која тоне Македонија веќе неколку години.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email