Претседателе, научни или партиски Ви се премисите?

Почитуван Претседателе, Ви благодариме за Вашето обраќање, денеска во очи на новогодишните празници, и речиси недела по завршување на изборите. Ние, граѓаните на оваа плуралистичка Македонија, предводена 10 години од монизмот на ВМРО-ДПМНЕ, од „виртуозни“ политичари, „проевропски ориентирани“, чиишто најблиски соработници, на неистомислениците во својата земја, во духот на христијанството, им фрлаат анатеми, со визија мотивирана од мрачните сили во „ноќта на ножевите“, бескрајно Ви заблагодаруваме, што се одлучивте на ваков чекор. Да се појавите на политичката сцена.

press-foto

Пишува: Моника Талеска

Вашето експозе е брилијантно, неверојатно кохерентно со политиките на Вашата „проевропска“ партија. И, искрено жалиме што сценографијата беше несоодветна. Наместо од вилата „Водно“, сé ќе беше многу полесно, доколку застаневте во велелепната зграда на Партијата, а зад Вас, се виореше партиското знаме.

Ќе ги решевте дилемите, на меѓународната политичка сцена, особено во ова историско постизборие. Вашите критики кон ЕУ и НАТО, или како што велите, „го повторувам и повикот дипломатските претставници во вршењето на своите надлежности, да внимаваат на нивните постапки и реторика и да се придржуваат до Виенските конвенции“… А, кога тоа Вие реагиравте, па сега, го повторувате повикот? И чиј е овој повик? На Вашите сопартијци ли?!

Таман се израдувавме дека ете, конечно, Претседателот собра сили и одлучи да ни се обрати во свое име, мудро и одговорно, наспроти конституирањето на новиот парламентарен состав, Вие пак со говори, пишувани во штабот!

Па, нели на земјава насушно ѝ треба враќање на демократијата, на евростандардите, на меѓународните принципи, на владеење на правото...?

И Вие тврдите дека СЈО е политизирано. Како дојдовте до сите овие премиси? Според која методологија анализиравте, научна или партиска, во борба против или како гард на криминалот?

Како нашата мала земја да се реформира и проевропски ориентира, кога Вие и постизборно не се „реформиравте“, не се „транформиравте“? Наместо Татко на нацијата, Вие пак, останавте портпарол на Партијата.

Ех, да ни е наздравје Нова Година, да ни е честит Божик, да ни е Бог на помош во 2017-та, за да не биде „рибата од главата мириса“!

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email