Осудениците бараат подостоинствени услови

Граѓанската иницијатива за собирање 10.000 потписи во 33 подрачни единици на Државната изборна комисија, за донесување закон за амнестија, која започна неделава, влијаеше и врз реакциите на затворската популација.

Осудени лица кои издржуваат казни во дел од македонските затвори, а кои и пред иницијативата штрајкуваа со глад, барајќи подобрување на животните услови, на медиумите им ги нудат личните сведоштва за пренатрупаноста на затворите, за недостоинствените услови во кои се издржува казната, за неможноста за ресоцијализација, со особен акцент на дрогата, која е присутна и зад решетките. 

Sinisa Stankovic

Синиша Станковиќ

Иако дел од барањата на иницијативата, барем на прв поглед, се прифатливи и за пошироката јавност, за дел од нив, секако треба да се полемизира. Пред сè, би била пожелна дебата на експерти, особено околу укинувањето на казната затвор за осудените лица кои имаат одлежано 40 отсто од затворската казна, иако со предложениот закон, со амнестија нема да бидат опфатени лица кои се правосилно осудени на казна доживотен затвор и за кривични дела против човештвото и другите добра заштитени со меѓународното право.

Сепак, задоволувањето на барањата на осудените лица за подобрување на очајните услови во македонските затвори, за што и ЦИВИЛ - Центар за слобода со години наназад апелирал и барал итни промени, е нешто што секоја демократска држава, неминовно мора да го направи во најкус можен рок. За каква ресоцијализација може да се зборува во примерот на Идризово, стар објект со капацитет за 800 затвореници, во кој, според медиумите, во моментов казните ги отслужуваат речиси 2.000 затвореници!

Осуденото лице кое телефонски се јави во ЦИВИЛ – Центар за слобода, со молба да влијаеме врз јавноста за да прифати дека тие, и покрај направените грешки во животот, за кои веќе се осудени, сепак, имаат човекови права, ни изјави дека генерално не се жали на условите во затворот во Штип, освен на преоптовареноста.

Капацитетот е двојно преоптоварен... Ние спиеме осум души, во некои 15 -16 квадрати. А тука се креветите, масите и шкафовите. За секој од осумте души нема ни по метар квадратен слободен простор. На два спрата се креветите, некои има и на 3 спрата, има луѓе на земја што спијат! Можам и слики да ви пратам...

Според нашиот соговорник, кој исплашен од можните последици изрази желба да не му го обелодениме идентитетот, тврди дека условите и во „Идризово“ и во затворот „Скопје“ во Шутка, се далеку полоши.

Сум бил и таму и таму. Полуотвореното одделение на затворот во Идризово почна да се реновира откако Ерван Фуере ќе паднеше во несвест, кога го виде.... Како да ви кажам, Идризово е мал град, град во град... И функционира на свој начин... Долга приказна е тоа, во која се во игра и чувари и полиција... Во Идризово има дрога исто као на улица. И на улица се случува некогаш да снема дрога, а во Идризово не може да снема! Имало ситуации кога надвор немало хероин, а луѓе од Идризово набавувале. До толку цути криминалот. Луѓето одат таму на превоспитување, на рехабилитација, а што ги дочекува. Нема класисификација на затворениците. Педофили и убијци лежат со дечки кои се затворени за 100 грама трева, за кражба на касетофон... И во Идризово пренатрупаноста е одвратна... Ни воспитувачи нема доволно... А храната, па... Порано само грав се јадеше, сега и гравот го расипаа и гравот не чини. Ако немаш силна желудочна киселина, ништо не правиш“

Меѓународните организации за спречување на тортурата перманентно ги повикуваа(т) властите во Македонија да реагираат. И ЕУ потенцира дека подобрувањето на условите во затворите треба да е приоритет на државата, но осудениците се резигнирани дека ништо не се менува.

Синиша Станковиќ

Print Friendly, PDF & Email