Анализа: Укинувањето на „Законот за СЈО“ како неуставен, би било апсурдно!

Во март 2016 година од Јавниот обвинител на Република Македонија беше формирана Комисија за следење на изборни нерегуларности, со наводна цел - заштита од криминални или други противзаконити дејствија и следење на изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 11 декември 2016 година, но сѐ уште не слушнавме за извештај на оваа Комисија, ниту пак, за евентуално покрената постапка.

Пишува: Сандра Гавриловска

Пишува: Сандра Гавриловска

Нашиот правен систем содржи низа законски одредби кои предвидуваат казни и санкции за изборни нерегуларности.

И Кривичниот и Изборниот законик содржат казнени и прекршочни одредби за кривичните дела поврзани со изборите и предвидуваат парични, но и затворски казни, од три и повеќе од пет години за сторени кривични дела поврзани со изборите, како на пример, за спречување на изборите и гласањето; за повреда и злоупотреба на избирачкото право; за повреда на слободата на определување на избирачите; за повреда на тајноста на гласањето; за поткуп при изборите и гласањето; за уништување на изборните исправи, за извршена изборна измама и за други  противзаконити дејствија, сторени при организирањето и спроведувањето на изборниот процес.

Притоа, пропишаните законски казни и санкции се предвидени буквално за сите учесници во изборниот процес: за политичките партии и коалиции, за изборните органи и нивните членови, за службените лица кои вршат работи поврзани со изборите и гласањето, па и за претседателот и членовите на ДИК, како и за членовите на Владата.

Во суштина, проблемот е само практичната примена на вака пропишаните казни и санкции за изборни нерегуларности, за што вината е во нефункционирањето на правниот систем, односно, во нефункционирањето на државните органи и неисполнувањето на нивните законски обврски и надлежности, особено од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, ДИК, Јавното обвинителство, како и судовите (од сите инстанци).

Во тој контекст, во март 2016 година од Јавниот обвинител на Република Македонија беше формирана Комисија за следење на изборни нерегуларности, со наводна цел - заштита од криминални или други противзаконити дејствија и следење на изборни нерегуларности што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите на 11 декември 2016 година.

Меѓутоа, сѐ уште не слушнавме за извештај на оваа Комисија, ниту пак, за евентуално покрената постапка од надлежните Основни јавни обвинителства, или од кој било друг надлежен државен орган, за сторени изборни нерегуларности.

Тоа е само еден од бројните докази за поединечното, но и глобално нефункционирање на правниот систем, во сите сегменти.

Очигледно, ДИК на овие избори, се соочи со низа проблеми во своето работење, кои беа предизвикани од разно-разни внатрешни, надворешни, домашни, странски, и какви уште не, влијанија и притисоци.

И покрај структурата на ДИК, која требаше, односно се очекуваше, да обезбеди совесно, стручно, транспарентно и законито работење на оваа институција, која е или барем треба да биде, стожер на еден изборен процес во нормална демократска држава, сепак, мислам дека и на овие избори, ДИК не ги постигна очекуваните резултати од своето работење и секако, повторно ги разочара граѓаните кои одамна веќе ја имаат загубено не само вербата во ДИК, туку и во државните институции воопшто.

Согласно постојните законски одредби, Државната изборна комисија може и треба да одговара за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за повреда на гласачкото право, бидејќи таа со своето несовесно работење и непостапување по барањата на граѓаните за запишување во Избирачкиот список, како и за бришење на непостојните гласачи од Избирачкиот список, придонесе за неостварување на гласачкото право на лица кои го имаат тоа право, односно, за остварување на гласачкото право на лица кои го немаат тоа право.

Согласно т.н. Закон за Специјално јавно обвинителство, односно Законот за ЈО за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите:

- мандатот на избраните јавни обвинители во СЈО трае 4 години, со право на повторен избор, а

- функцијата ЈО престанува по завршување на сите истраги и гонења кои се во негова надлежност.

Законски предвидениот рок за покренување на истраги и постапки од СЈО е 18 месеци - од денот на преземање на предметите и материјалите во негова надлежност.

Но, со оглед на сите опструкции во досегашното работење на СЈО, сметам дека овој рок ќе треба и мора да се продолжи.

А, за продолжување на овој рок од 18 месеци, ќе треба да се предложат и побараат измени на постојниот закон за СЈО, но за тоа секако ќе треба да има политичка волја од парламентарното мнозинство, како измените би поминале во собраниска процедура.

Продолжувањето на овој рок од 18 месеци е со цел СЈО да ја оствари својата улога и со сиот свој капацитет да се заангажира за што побрзо покренување на сите обвиненија кои можат да произлезат од превземените материјали во негова надлежност, како и за завршување на веќе започнатите постапки, за што ќе треба да издејствува и формирање на Специјално судско одделение, како работата на СЈО воопшто би можела да има било каков реален ефект.

Инаку, независно од законските одредби, според кои не постои опасност од престан на работата на СЈО, сепак, судбината и опстанокот на СЈО, секако ќе зависи од составот на новата влада, како и од долго очекуваната одлука на Управниот суд - за оценување на уставноста на Законот за СЈО, односно, за евентуално можно укинување на СЈО како неуставно, што секако, несомнено би било политичка, а не правна одлука на Управниот суд.

Притоа, апсурдно и бесмислено би било прогласување на Законот за СЈО како неуставен, во ситуација кога овој Закон во собраниска процедура беше донесен со огромно мнозинство, односно, со дури 118 гласови - „за“.


 

Сандра Гавриловска е адвокатка и правна експертка - соработничка на ЦИВИЛ во проектите поврзани со изборниот процес во Република Македонија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian