Нови „фантоми“ во центарот на Скопје!

Граѓанка од Скопје испрати до ЦИВИЛ – Центар за слобода информација дека, според податоците од заклучениот Избирачки список, во нејзината куќа во центарот на Скопје, на улицата „50-та дивизија“ во Општина Центар, сé уште „живеат“ две лица кои таа не ги познава.

„Не знам како лицата Г.Д. и М.Д се наоѓаат на Избирачкиот список со право на глас на Избирачкото место 2803, а пријавени на нашата адреса! Сакам да истакнам дека се работи за приватна куќа, а не за зграда, но сепак, тие лица се заведени на нашата адреса, и тоа, во влез 1, стан број 15!? Никогаш не сме слушнале за овие лица, ниту во соседството ги знаат... Не знам дали се ставени и на некој посебен список, ама тие сé уште фигурираат на нашата адреса“, вели соговорничката на ЦИВИЛ Медиа.

Според информациите од граѓан(к)ите, во изминатиот период ЦИВИЛ постојано реагираше во јавноста дека во Избирачкиот список, и по сите вкрстени проверки, владее хаос.  ЦИВИЛ ја алармираше јавноста, институциите, особено Државната изборна комисија за фантомските гласачи. Во повеќе од 200 случаи на фантомски гласачи чии податоци беа доставени до ЦИВИЛ, само два случаја се решени, односно, податоците се коригирани. За жал, ДИК не успеа да се извлече од влијанието на политичките партии, а ревизијата на Избирачкиот список не ја спроведе на задоволителен начин. За жал, надлежните само ја префрлаа одговорноста, се спомнуваа разни бази на податоци, неусогласеност и неажурираност, но никој не ја презеде одговорноста, ниту списокот беше навистина пречистен. Така, во Македонија ќе се одржат уште едни избори на кои покрај реално постоечките избирачи, ќе „гласаат“ и „фантоми“... Се надеваме дека ДИК ќе им излезе во пресрет на граѓанките и граѓаните да го остварат своето право на глас на денот на гласањето и дека брзо ќе реагираат во решавањето на проблемите со кои тие ќе се соочат.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian