ЦИВИЛ: Мирот, чекор повеќе во надминување на насилството, омразата и национализмот

ЦИВИЛ – Центар за слобода им се приклучува на сите мирољубиви луѓе ширум светот во одбележување на Меѓународниот ден на мирот.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани во Македонија, своите членови и поддржувачи, активистите, волонтерите, граѓанските здруженија, но и политичките субјекти, на овој ден, искрено да посакаат и да делуваат во насока на ширење на мирот, особено во моменталниот општествен и политички контекст. Наместо говор на омраза и насилство да упатат пораки на разбирање и почитување. Со конкретни чекори да покажеме сите заедно дека знаеме и можеме повеќе во борбата за мир и слобода, во борбата за достоинствен живот.

Со Резолуција на Генералното собрание на ООН од 2001 година, 21 Септември е прогласен за Меѓународен ден на мирот. И оваа година, на 21 Септември, Меѓународниот ден на мирот, мирот е достижен само ако заеднички се избориме и ги надминеме сите меѓусебни недоразбирања, ги почитуваме човековите права и слободи и веруваме дека сите подеднакво заслужуваме да живееме во мир, слобода и достоинство.

ЦИВИЛ апелира дека мирот, слободата, единството се вредности кои Македонија ги има и треба секојдневно да ги вреднува и промовира. На овој начин ќе се надминат предрасудите, омразата, нееднаквоста, ќе се извојува битката против меѓуетничките конфликти, корупцијата, сиромаштијата...

На 19 септември 2013, ЦИВИЛ поднесе иницијатива до Собранието на Македонија, 21 Септември – Меѓународниот ден на мирот и 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права, да бидат прогласени за национални празници.

ЦИВИЛ останува буден и гласен во одбрана на човековите права и слободи упатувајќи силна порака дека секој поединец може да придонесе кон надминување на омразата, предрасудите, национализмот, насилството и култот кон оружјето.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English