Нова серија интервјуа на ЦИВИЛ - со министри

ЦИВИЛ – Центар за слобода во текот на ноември минатата година, им се обрати на четири министри во Владата за да им постави прашања од доменот на нивната работа. Планот беше да се направат по три интервјуа, во трите месеци пред изборите, и по едно интервју, по завршувањето на изборниот процес. Целта на серијата интервјуа е да се следи нивната работа во предизборниот процес, залагањата на министрите во сферата во која работат, со цел - обезбедување на фер и демократски избори. За на крајот, читателите да проценат што од планираното, министрите успеале да реализираат, и како тоа се рефлектирало врз изборите.

Средби за разговор побаравме од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска - Ременски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за правда Аднан Јашари.

collageНа нашата покана се одзваа министрите Спасовски и Ташевска-Ременски.

Со министерот Спасовски,  ЦИВИЛ Медиа разговараше на 9 декември 2015 година, за безбедносната криза, департизацијата  на МВР, (не)постоењето на паралелни вооружени структури и контролата врз нив, плановите за создавање услови за слободни избори и враќањето на довербата на граѓанките и граѓаните во оваа институција, во пресрет на изборите и по нив. Спасовски ги сподели четирите приоритети на кои ќе се фокусира како министер за внатрешни работи: справувањето со сите безбедносни  ризици и предизвици во Македонија и во регионот, бегалската криза со која се соочува Македонија, добрата соработка и профункционирањето на Специјалното јавно обвинителство, и максималните заложби  за организирање на фер и демократски изборен процес.

Со министерката Ташевска-Ременски, разговаравме на 28 декември 2015 година, за хаосот во центрите за социјална заштита, за виртуелното намалување на невработеноста и за „разликата“ од 160.000 лица во „статистиките“ на државните институции, за катастрофалната состојба во која 50% од средствата за исплата на пензии се дотација од Буџетот, за поразителниот факт што во изјава го призна и министерот за финансии Зоран Ставрески - дека без кредити ќе нема ни пензии, ни социјална помош, ни расходи кои произлегуваат во делот на услуги за завршена работа. Министерката за ЦИВИЛ Медиа зборуваше  и за манипулациите со корисниците на социјалната заштита и со социјално ранливите категории воопшто, и за унапредување на социјалниот дијалог, со вклучување на сите засегнати страни во колективното договарање, а не само на репрезентативните синдикални организации.

За жал, со министрите од владеачките партии, Попоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Јашари (ДУИ) не успеавме да направиме интервју. И покрај сите наши заложби, министерот Јашари не најде слободно време да ја смести ЦИВИЛ Медиа во агендата, а до министерот Попоски не успеавме ни да ги доставиме прашањата.

Веќе во февруари ЦИВИЛ ќе продолжи со втората серија на интервјуа со министри и од опозицијата и од владеачките партии (со двајцата кои ги контактиравме, ако изразат интерес овојпат, или со нови двајца министри), за да ја презентираат на граѓаните нивната работа.

 

Print Friendly, PDF & Email