Дерала: Народот во Македонија веќе не наседнува на сите тие лаги!

Во предвечерие на предвремените парламентарни избори, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, даде обемно интервју за хрватскиот портал lupiga.com, во кое се осврна на аферата со прислушувањето, на предизборната атмосфера, на проблемот со невработеноста, на политичките профили на Груевски и Заев, и на меѓунационалните односи...

ЦИВИЛ Медиа пренесува делови од интервјуто:

Наспроти долгоочекуваните парламентарни избори во Македонија, канцеларијата на организацијата ЦИВИЛ – Центар за слобода, сместена во строгиот центар на Скопје, изгледа како вистинска новинска агенција. Во големиот облак од чад, сите во брзање, се довикуваат од еден крај до друг крај на просторијата, секоја минута се раѓаат нови идеи и често доаѓа по некој гостин од некоја европска земја, вчудовиден од инспиративната работна атмосфера. Секој има своја задача, секоја нова информација поврзана со изборите, веднаш се проверува и со брзина на светлината, се пласира на различни социјални мрежи.

Во таква атмосфера, успеавме да поразговараме со претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, чиј мобилен телефон деновиве не престанува да ѕвони. Организацијата ЦИВИЛ долги години работи на демократизацијата на Македонија, ги надгледува изборните процеси, своевремено работеле и на кампањата за разоружување на населението, по краткотрајната војна во Македонија, а во нивниот фокус се и меѓунационалните односи, како и родовата рамноправност. Дерала во Македонија е познат како жесток критичар на власта, и како таков, според рецептот познат на целиот Балкан, е прогласен за домашен предавник и за странски платеник. Тоа, според наше мислење, само го поттикнува повеќе во неговата работа.

deralla3

- Сé уште владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања ветуваше зголемување на минималната плата, фалејќи се како во претходниот мандат ја намалиле невработеноста. Колку се точни овие тврдења?

ДЕРАЛА: Вистина, невработеноста се намали од некои 33% на 24%, но прашањето е со какви методи се дојде до тоа. Всушност, невработеноста тука се намалува со вештачки методи. На пример, во време кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, а Никола Груевски стана премиер, државната администрација броеше околу 90.000 вработени, исклучувајќи ги јавните установи и претпријатија. Денес, бројот на вработени во државната администрација е повеќе од 180.000. Некои добија вработување без ништо да работат. Седат дома, немаат работа, не одат на работа а добиваат плата. Тоа најверојатно го има само во Македонија... Освен тоа, многу е важен и податокот за кој говорат некои проценки, дека околу 600.000 луѓе во последните десет години се отселиле од Македонија...

- Имате ли докази дека и вас ве прислушувале?

ДЕРАЛА: Имам ЦД. Добив ЦД со записи на некои од своите телефонски разговори.

- Некој ви го испрати анонимно?

ДЕРАЛА: Не, тоа ми го подари опозицијата. Од 2011-та година, па наваму, сум преслушкуван, on and off. Некои луѓе на кои е добро да им се верува, ми кажаа дека денес постои уште една „машина“ која е во погон и во сопственост на владејачката партија, така што, мојот телефон највероватно сé уште се прислушува. Во однос на тоа, никој не е загрижен за оној законски рок од три недели, во кој може да се одвиваат посебни истражни мерки. Какви три недели? Кај мене тоа трае со години.

- Постојат ли некои претпоставки колку луѓе во Македонија во моментов се прислушуваат?

ДЕРАЛА: Не постои таква проценка. Тој број денес сигурно не е голем, но сигурно е дека некои луѓе сé уште се прислушувани. Властите никогаш не признаа дека тоа го правеле. Сé уште тврдат дека тоа е дело на странските служби. Всушност, последната верзија е малку изменета, па властите велат дека тоа го правеле луѓе од СДСМ внатре во министерствата, со што би ја разнишале сигурноста на државата...

- Како го оценувате Груевски?

ДЕРАЛА: Груевски е популист, тој користи националистичка реторика и речиси никогаш не ги употребува зборовите - граѓани и граѓанки. Тој го користи зборот - народ и со народот се заканува. Груевски вели дека народот некого ќе казни, „ќе ги исклоца“ сите луѓе, како што е Специјалната јавната обвинителка. Нас не нарекува мрачни сили и предавници, и тоа јавно. Неговиот вокабулар е крајно националистички и тој јава на тој бран. Со национализам освојува и задржува власт, успева да внесе страв, тврди дека е бранител на националниот интерес на Македонија и на етничките интереси на Македонците. Тој е крајно конзервативен, неговите јавни настапи се на граница на говор на омраза, а посебно е негативно неговото однесување кон жените, како и кон сексуалните малцинства. ЛГБТ заедницата за него е болест, додека Црквата има многу важна улога во одржувањето на власта. Црквите инаку се градат во секој кварт, а крстови никнуваат речиси на секое брдо во Македонија, па дури и таму каде што живее нехристијанско население, доволно е да има само три куќи Македонци и доаѓа крст.

- По што се разликуваат опозицискиот СДСМ и неговиот лидер Зоран Заев?

ДЕРАЛА: Заев немал можност тоа да прави. Тој е градоначалник на Струмица, мал град во југоисточна Македонија, каде околните села се занимаваат со земјоделие. И тој самиот доaѓа од такво семејство. Рано почнал да се занимава со бизнис и во овој момент има успешна фабрика за производство на ајвар. Веќе втор мандат е избран за градоначалник. И покрај сите евидентирани проблеми на локалните избори, тој е избран со мнозинство гласови. Дали и Заев правел слични работи на локално ниво, ни останува да утврдиме, ние секако “копаме” за нешто да откриеме. Постојат некои индиции дека делел тендери на локално ниво на негови луѓе, а постојат и податоци дека тендери биле делени на компании кои се мошне блиски на власта, односно на партијата ВМРО ДПМНЕ. Колку сето тоа е коректно и регуларно, сé уште не знаеме. Тој сигурно ќе биде под лупа на неутралните организации во Македонија, каква всушност, сме и ние.

- Ако Заев биде во позиција да формира влада, колку може да се очекува реваншизам и што СДСМ може да направи со оглед на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ има свои луѓе на сите клучни позиции во државните и јавни институции?

ДЕРАЛА: Стравувам дека одмазда ќе има и покрај сите гаранции на Заев од говорниците. Ќе има и тоа надвор од контрола. Затоа тука се важни невладините организации, да посочат на сé она погрешно што може да следи по изборите. Ако во Македонија се воведе владеење на правото и вистинската демократија се врати, имаме некакви шанси. Доколку СДСМ се спремни да ги послушаат критиките и доколку се соочат со корумпираните апетити внатре во своите структури, тогаш имаме добра шанса како држава, Ако сето тоа тоа падне во вода, ништо не сме направиле.

- Не може а да не се забележи дека во оваа кампања не се креваа етнички тензии меѓу Македонците и Албанците, што досега беше правило?

ДЕРАЛА: Имам свое објаснување за тоа. Сé уште е свежо сеќавањето на  Куманово. Додека траеше таа кумановска криза, Македонците и Албанците се собираа на улици, се прегрнуваа и зборуваа пред камери дека добро знаат дека сето тоа е наместено сценарио. Попаметни беа и од политичаите. Имате и една нова ситуација, во која СДСМ им отвара врати на албанските политичари и ги става на своите кандидатски листи. Заев во Арачиново, каде се мнозинство Албанци, од говорницата рече: „Сакате да имате премиер Албанец? Е, па, го имате! Јас сум тој! Јас ќе ги бранам вашите интереси“. Сега има двајца или тројца Албанци на кандидатските листи од СДСМ, што не е многу, но пред тоа беше нула. Покрај тоа, во раководството на партијата има двајца Албанци, што претходно не беше случај.

 

 

Print Friendly, PDF & Email