ЦИВИЛ во локалните медиуми

„Јануарскиот поход“ на ЦИВИЛ – Центар за слобода успешно се приведува кон крајот. Тимот на ЦИВИЛ, почнувајќи од 4 јануари досега ги оствари сите планирани активности со членовите на мониторинг тимовите, со партнерските невладини организации, како и со претставници на политичките партии на локално ниво. Најголем дел од овие активности се поврзани со проектите за долгорочно набљудување на политичките процеси во изборен контекст и за јакнење на јавната свест и граѓанска едукација за гласачките права.

Во овој период настаните на ЦИВИЛ во повеќе општини низ Македонија беа покриени од локалните и регионални телевизии, како и од Интернет медиуми.

Состанокот на Регионалната работна група за слободни избори во Битола, на 4 јануари, го проследи локалната телевизија Мега, преку изјава на претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој во таа прилика изјави дека и во Битола не се создаваат сериозни услови за слободни избори и дека е присутна голема валкана кампања на политичко ниво. На состанокот се разви дискусија преку која се понудија низа препораки и решенија за надминување на политичката криза, со цел да се обезбедат минимални услови за одржување слободни избори.

Во Штип состанокот со Регионалната работна група за слободни избори се одржа на 11 овој месец и ги опфати токму медиумите на локално ниво кои ја отсликуваат затвореноста на медиумите на национално ниво. Сепак, овој состанок го проследија две локални телевизии и една регионална телевизија. ТВ Ирис и ТВ Стар, ја објавија изјавата на уредникот на ЦИВИЛ Медиа, Синиша Станковиќ, кој ги потенцираше сите нерегуларности во изборен контекст со кои се соочуваат граѓан(к)ите: уцени, закани, притисоци, вулгарни бркања од работа, особено во државната и јавната администрација, купување на гласоци и правење списоци на сигурни гласачи. Во дневникот на регионалната телевизија Канал Плус, ја потенцираа дискусијата за политичката ситуација, ставот на штипјани за предвремените избори, дали да се откажат, односно пролонгираат -  или не, во постоечките услови.

DSC_0880На 16 јануари во Штип се одржа јавниот настан „Сите за слободни избори“ во духот на  максимата дека сите временски услови се погодни за активизам. Во изјавите за штипските медиуми, претставниците на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, Синиша Станковиќ и Маријa Теговска, уште еднаш упатија повик до граѓанките и граѓаните да се приклучат кон напорите за обезбедување слободни избори, но и кон институциите и политичките партии за итна департизација на институциите, прочистување на Избирачкиот список и за ослободување на медиумите и на јавниот збор во Македонија.

Јавни настани за слободни избори ќе се одржат и во Гевгелија и во Охрид на 23 и 30 јануари.

Проблемот со непостоење на локални медиуми, со притисоците и политичката дискриминација и со затвореноста на локалната власт, е клучен за решавање во гевгелискиот регион. ЦИВИЛ состанокот со регионалната работна група во Гевгелија го одржа на 13 јануари. Единствен што го проследија беше гевгелискиот портал ГевгелијаНет со опсежен натпис од  двочасовниот состанок.

„Дури ни власта во Гевгелија не верува на одржување на демократски изборен процес на најавениот датум од Пржино, 24 април. Компасот е расипан, нема левица, нема десница. Се соочуваме со краен болшевизам, а во догледно време, во Гевгелија нема услови на формирање на трет политички блок, беа сугестиите изречени од претставниците на јавниот политички живот во Гевгелија“, стои во извештајот на ГевгелијаНет, за состанокот на ЦИВИЛ.

DSC_0862На состанокот на Регионалната работна група за слободни избори во Куманово се зборуваше и за недовербата на Албанците во нивните лидери, за дефицитот во општинскиот буџет и уништувањето на човечкото достоинство преку притисоци, закани и креирање на социјални случаи кои лесно се замолчуваат. Според кумановчани, единствениот начин за одложување на изборите е со помош на граѓанските организации и опозицијата кои би ги бојкотирале изборите на 24 април.  Според учесниците на средбата, ова е последната шанса Македонија да биде сериозно сфатена од меѓународната заедница.

Состанокот се одржа на 15 јануари, а го проследија ТВ Плус и локалниот портал kumanovonews.com кој ја пренесе изјавата на Билјана Еверет од ЦИВИЛ: „Мислењето е дека во Македонија има некој вид на медиумски мрак и дека изборите треба да се одложат.“

Во Охрид на истиот датум состанокот на Регионалната група го проследи регионалната охридска телевизија О2, за која изјава даде Синиша Станковиќ. На состанокот дел од присутните истакнаа дека на крајот силата е во граѓан(к)ите кои треба да ги детектираат неправилностите и корупцијата кои се случуваат и да ги пријавуваат.

Овие регионални средби и јавниот настан во Штип беа одржани во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English