Македонија: Преглед на настани (13 јули 2016)

Дневен преглед на најважните настани во Република Македонија (13 јули 2016 година): МВР најавува проверка, командирот негира дека бакнувал кама и револвер! || Граѓан(к)ите со петиција: Не за еврообврзницата! || Со ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ – кредибилни избори во ноември? || ЗНМ одбива да прави контрола на медиумите пред избори || Нема договор за преодна влада

timeline logo 01 - C

МВР најавува проверка, командирот негира дека бакнувал кама и револвер

timthumb

Министерството за внатрешни работи ќе проверува дали командирот на крушевската полиција, Благојче Димшоски треба дисциплински да одговара, затоа што, според медиумите, се фотографирал како во службена униформа се поклонува пред револверот и камата, на олтарот на историското ВМРО. Командирот Димшоски пак, е дециден дека тој не се фотографирал со симболите на историското ВМРО и дека не е актер во чин што асоцира на давање заклетва на некогашните припадници на ВМРО. „Таква фотографија не постои, тоа е фотомонтажа“, кусо изјави Димшоски за ЦИВИЛ Медиа, одбивајќи воопшто каков било друг коментар на оваа тема.

Граѓан(к)ите со петиција: Не за еврообврзницата!

PfEbmtIPkOfgLVy-800x450-noPad

Повеќе од 3.000 загрижени граѓанки и граѓани за само неколку дена се потпишаа на онлајн петицијата „Не за еврообврзницата! “, која беше објавена како револт од одлуката на Владата за нова еврообврзница до 650 милиони евра. На овој начин, како што за ЦИВИЛ изјави економскиот аналитичар Џевдет Хајредини, долгот на државата ќе се зголеми на пет милијарди евра!

Со ново раководство на ВМРО-ДПМНЕ – кредибилни избори во ноември?

Screenshot 2016-07-13 10.52.05

Решение за актуелната политичка криза, и според граѓанскиот сектор и според меѓународниот фактор, се фер, демократски и регуларни избори, на кои гласачите слободно ќе го дадат својот глас. По посетата на Македонија на заменик државниот секретар на САД, Викторија Нуланд, како да се враќа оптимизмот дека со политичка волја за реформи, регуларни избори, сепак, може да се случат до крајот на годинава. Според проценките на претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, кредибилни избори ќе се одржат во ноември, доколку целото општество, со сите капацитети, се избори со политичката корупција којашто ги инфицира сите пори на системот.

ЗНМ одбива да прави контрола на медиумите пред избори

Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, потврдува дека го одбиле предлогот да делегираат член во ад-хок телото што ќе треба да врши контрола на работата на медиумите 100 дена пред избори и за време на нивното одржување, бидејќи, како што вели, не прифаќаат половични решенија.

Нема договор за преодна влада 

przino_6

Нема договор во Пржино. По целодневните преговори, претставниците на партиите-потписнички на Договорот од Пржино не се договорија за преодната Влада. Партиите се заглавени кај ингеренциите за кадровски смени на министерот за внатрешни работи во преодната влада. Во однос на Избирачкиот список, оние гласачи од спорните 40.000 што нема да се пријават на јавниот повик - ќе бидат избришани. По барање на ДПА ќе има 5 дена плус за смопријавување, но ќе се скрати периодот за проверка и потврда од страна на ДИК.


German Cooperation logo - C

ЦИВИЛ го објавува овој преглед на настани со цел да придонесе кон објективното информирање за настаните и процесите, но и за настани за кои еден дел од медиумите во Република Македонија не информираат или информираат многу малку. Вашето мислење е важно за нас. Ве молиме, вашите коментари, сугестии, информации, фотографии и видео прилози испраќајте ги на нашата Фејсбук страница или на e-mail: [email protected]к

Print Friendly, PDF & Email