МВР најавува проверка, командирот негира дека бакнувал кама и револвер!

Министерството за внатрешни работи ќе проверува дали командирот на крушевската полиција, Благојче Димшоски треба дисциплински да одговара, затоа што, според медиумите, се фотографирал како во службена униформа се поклонува пред револверот и камата, на олтарот на историското ВМРО

„Од страна на Министерството  за внатрешни работи ќе бидат спроведени проверки во рамки на актите, коишто го регулираат интегритетот на полициските службеници и доколку се утврди нарушување на полициската дисциплина, против полицискиот службеник ќе биде поведена постапка за утврдување на дисциплинска одговорност“, соопшти за ЦИВИЛ Медиа, Наталија Спироска, началник на Секторот за односи со јавност и протокол во МВР.

Командирот Димшоски пак, е дециден дека тој не се фотографирал со симболите на историското ВМРО и дека не е актер во чин што асоцира на давање заклетва на некогашните припадници на ВМРО.

„Таква фотографија не постои, тоа е фотомонтажа“, кусо изјави Димшоски за ЦИВИЛ Медиа, одбивајќи воопшто каков било друг коментар на оваа тема.

timthumb

фото: А1Он.мк

А, фотографијата објавена на инфо порталот А1он.мк  на којашто полицискиот службеник во униформа се поклонува пред револверот и камата на историското ВМРО, денеска ја разбранува јавноста. Реакциите на граѓан(к)ите не стивнуваат, токму поради содржината на заклетвата што некогаш ја полагале припадниците на ВМРО.

„Се колнеме во името на Бога, верата и честа дека отсега ќе служиме колку што можеме за слобода на нашата татковина, Македонија и Одринско. Ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари, нема никому да ги кажеме скришните народни работи. Ако не ги слушаме наредбите на нашите главатарии, ако некому свесно или несвесно кажеме за она што сега го гледаме, што го слушаме и што го работиме да бидеме убиени од браќата со оружјето што сега го целиваме. Амин!“

Реагираат и вработени во МВР, забележувајќи дека ваквите фотографии се само рефлексија на непрофесионализам којшто една деценија владее во ова Министерство.

„Македонската полиција, особено именуваните раководители, се чисто партиски кадри. Полицијата повеќе личи на подружница на владејачката партија, зашто нејзините членови се прегласни во однос на другите колеги, кои се или политички неопределени или пак, се членови на опозицијата. Дури и казните во одредени случаи се по партиска основа“, забележуваат  полицајци кои се залагаат за целосно оддвојување на владејачката партија од овој орган на извршната власт.

Департизацијата на МВР и потребата за нејзина целосна професионализација, и потребата за итни измени на Законот за полиција, се дел од препораките и мерки, коишто граѓанските организации и независни експерти ги вградија во „Предлог документот за итни демократски реформи“.

„Без реформирано Министерство,без реформирана полиција, нема избирачки список, нема попис на население, нема првична одбрана од насилието коешто се применува на различни начини од страна на државни органи или поединци од државни органи или од партиски структури“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Ѓунер Исмаил,од ФОРУМ-ЦСИД.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish