„Дебата“ за гушење на дебатата!

Груевски ја повлекол одлуката на ВМРО-ДПМНЕ да продава државен имот, културно наследство, нешто што им припаѓа на сите граѓани. Имал „слух за граѓаните“, односно,  во превод, „врховниот водач“, кој иако во моментов нема државна функција пали и гаси во државните институции, се смилостивил.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Можеби воочил дека има разлика - меѓу вистинскиот, и оној "постариот и поубав" гипс-картон барок ил неокласицизам? Или, пак, што е поверојатно, воочил дека во Битола, со ваквите потези на неговата врхушка и партија, се тенчи бројот на гласови. Затоа, наместо "народот да одлучи на 24 април за Офицерскиот дом", си одлучи пастирот, обидувајќи се да ја минимизира штетата од циркусот.

И одлуката дека Земјата е рамна плоча, се повлече. Откога јавноста ја исмеа, испадна дека таа не била став, туку отворање "дебата". Логична дебата, која е неопходна токму во овој миг, бидејќи сите останати проблеми на Македонија се решени.

Оттука, јасно е дека самиот избор на вакви теми за циркус и замајување на јавноста, е најава за тоа што следува - обид за претворање на нашата јавност во поле, нива а богами и бавча за циркуска "дебата", во чиј шум ќе треба да се угуши голотијата на пастирот и началниците, свесноста за нивните криминали и нивниот недостаток на аргументи - наспроти сѐ погласната и поартикулирана критика во општеството.

Таа дебата ја гледаме секојдневно и на други теми: на една страна настрвените и "елоквентни" режимски мегафони, на друга страна студентки, средношколки, новинари, активисти, граѓани обични и необични - кои, замислете, се дрзнале да мислат поинаку. Тоа е таа дебата, која ѝ се сервира на јавноста, како дебата меѓу "две страни", меѓу "едните и другите". А всушност, е дебата помеѓу инквизицијата и нормалните луѓе.

Викендов во Охрид имаше обид за таква дебата, т.е дискусијата на ЦИВИЛ за изборите да се претвори токму во таков циркус. Тимот на ЦИВИЛ се соочи со организиран „пречек“, при што „револтираните граѓани“, а всушност директори на јавни претпријатија, вработени во општината, партиски активисти , кои „спонтано“, во голем број дојдоа во неработен сончев ден на дебатата, упатија разни навреди и етикети кон активистите, т.е „странските платеници“.  И нѐ убедуваа дека погрешно гледаме и слушаме, и дека во Охрид отсекогаш имало само слободни избори.

Заборавија на хотел Магнус, на кражбата на гласовите на Нанче, на „екипите“ на Мартин кои „дисциплинираа“ на изминатите избори, на поткупувањето на сиромашните и ранливите, на сѐ она што од самостојноста па наваму го „краси“ гласањето на граѓаните, не само во Охрид....

Така ќе биде сѐ до изборите, "кога и да се одржат тие", што би рекол пастирот. Ќе дебатираме, сочно, но за глупости, нелогичности, за работи за кои во нормални земји нема муабет, туку апс и одговорност. Или згрижување во соодветни установи.

За менито на овие дебати, сервирани од началничките кујни, нема да важат ниту Велигденските, ниту Рамазанските пости.

Затоа, спремајте вилиците, и загризете.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English