Кампања на ЦИВИЛ за неприкосновеното право на #СлободниИзбори

ЦИВИЛ – Центар за слобода го лансира женскиот дел од 15-дневната кампања #СлободниИзбори денеска со три видео спотови. Видео спотовите во првата, „женска фаза“ се кратки, јасни и директни. Без заобиколување, во два од нив се говори за неприкосновеноста на правото на глас, а во третиот се упатува повик до граѓанките и граѓаните да бидат активни набљудувачи на процесот.

„Правото на глас не е привилегија. Тоа е право кое никој не смее да го одземе, ниту да го ограничи или манипулира. Слободни избори - ДА! Изборна кражба - НЕ!“ – се вели во првиот видео спот.

Во вториот видео спот, истите протагонистки велат: „Правото на глас, правото на слободни избори, правото да се бара легитимна и демократска власт, се неприкосновени права на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија. Слободни избори - ДА! Изборна кражба - НЕ!“

Карактерот и на оваа кампања на ЦИВИЛ е повод да се погледне и во позициите и праксата на ЦИВИЛ во поглед на родовите прашања.

YES to #FreeElections NO to elections theft Slogan of CIVIL, press conference on April 6, 2016

„Се одлучивме да стартуваме со женски ликови во кампањата сосема природно. Речиси две третини од нашите долгорочни набљудувачи се жени. Во минатото, иако соочени со дополнителни, специфични притисоци, жените во нашите мониторинг тимови беа исклучително успешни. Тие постојано се активни и откриваат голем број случаи на кршење на човековите права и слободи, дискриминација, злоупотреби и кршење на гласачкото право. Ние како организација не спроведуваме некоја посебна политика и не вршиме позитивна дискриминација. Едноставно, жените отсекогаш биле мнозинство во ЦИВИЛ. Верувам дека сензибилитетот, храброста, искреноста и интелигенцијата на жените ќе бидат решавачки за надминување на големите предизвици кои се наоѓаат пред нашата земја. Погледнете го само Специјалното јавно обвинителство и ќе ви стане јасно“ – рече првиот ЦИВИЛ, Џабир Дерала во телефонската изјава за јавноста, во која се осврна на „женскиот карактер“ на првиот дел од кампањата #СлободниИзбори, воедно коментирајќи ја позицијата и улогата на жените во општеството.

„Пријавете: кршење на гласачкото право, агресивна пропаганда, партиско вработување, притисоци, уцени, поткуп, дискриминација, фантомски гласачи, насилство... Слободни избори - ДА! Изборна кражба - НЕ!“ – се порачува во третиот видео спот  во кој се повикуваат граѓанките и граѓаните да пријавуваат нерегуларности.

Без претенциозност, креативниот тим на ЦИВИЛ решава да го прескокне вообичаениот брендинг и форсирање на логото на организацијата. Наместо тоа, одбира да се обрати до онлајн заедницата и да го промовира хаштагот #СлободниИзбори.

Исто така, на спотовите се гледа и линк до веб страницата Слободни избори на која граѓанките и граѓаните веќе одамна имаат можност да пријавуваат нерегуларности. Од таа веб страница посетителите можат и да се кандидираат за краткорочни набљудувачи или да читаат дел од богатата издавачка продукција на организацијата.

Линкот до „главната“ веб страница на ЦИВИЛ воедно ја потпишува организацијата која никогаш не се криела зад анонимноста, а инаку е отворен извор на информации и едукативен материјал кој секојдневно се надградува како дел од работата на вредната и креативна екипа на ЦИВИЛ Медиа.

Кампањата ќе се пласира преку социјалните мрежи и преку оние медиуми кои ќе ја поддржат оваа кампања.

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish