Избори под лупа

Во пресрет на претседателските и предвремените парламентарни избори во јавноста излегоа неколку организации и граѓански здруженија кои ќе ги надгледуваат двојните избори кои ќе се одржат пролетва. Нивната цел е да укажат на неправилностите во изборниот процес за да се постигне демократска атмосфера во престојните избори.

ODIHRКако што најавија од мисијата на ОБСЕ, за претседателските и парламентарните избори во Македонија ќе се посвети особено внимание на имплементација на изборното законодавство. Според амбасадорот Герт Хајних Аренс, кој ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во измените на Изборниот законик се вметнати голем дел од препораките на мисијата по одржувањето на локалните избори во 2013 година, но останува да се види како тие ќе се спроведат на терен.

Амбасадорот Аренс информираше дека изборите ќе ги следат 300 набљудувачи, 11 експерти кои ќе работат во Скопје и дополнително уште 20 кои ќе бидат распоредени низ целата земја.

Граѓанската асоцијација МОСТ најави набљудувачки проект кој има цел да придонесе за транспарентен изборен процес преку непартиско набљудување на сите сегменти на изборниот процес. Освен тоа, тие имаат и цел да ја зајакнат јавната свест за правата за проверка на податоците во избирачкиот список. Тие ќе вршат и мониторинг на изборната кампања, а ќе го надгледуваат и предвременото гласање на внатрешно раселените гласачи, болните и изнемоштените лица и оние гласачи кои се во затвор или во притвор.

Цивил – Центар за слобода го објави почетокот на проектот Слободни избори 2014. Аналитичкиот тим на Цивил веќе подолго време ја следи состојбата во Република Македонија и во текот на овој изборен процес ќе подготви сеопфатен извештај и анализа. Тоа подразбира набљудување на изборниот процес пред, за време и по изборите. Под лупата на Цивил се наоѓаат политичките партии, институциите на власта на локално и централно ниво, медиумите и другите засегнати страни во овој процес.

Марко Петревски
Print Friendly, PDF & Email