„Прво, па женско“: Почит за жената - борец!

Во духот на одбележувањето на достигувањата на жената-борец, се одржа овогодишното, четврто издание на иницијативата “Прво, па женско”. Викендов беше посветен на одбележувањето на 8 Март - Меѓународниот ден на жената, како празник кој ја претставува вековната борба, за еднаква позиција и рамноправност на жената и мажот.

Од 11-ти до 13-ти март, скопјанки и скопјани имаа можност да проследат богата и ангажирана програма, исполнета со различни содржини. Програмата започна со проекцијата на филмот „Сè за тебе“, на италијанската режисерка Алина Мараци, а во изминатите три дена прикажани беа и неколку долгометражни и краткометражни филмови.

Според концептот на Луми Бекири и Кристина Леловац, отворена беше изложба на фотографиод протести: “Жена–борец, женски портрет на граѓанскиот отпор во Македонија во 2015.”

aktivistka

“Оваа изложба е мал портрет на женското лице на годината, одбележана со свирежи, скандирања и поворки по улиците.  Одѕив на женското НЕ - на неправдата, насилството и криминалот. И покрај тоа што беа прогласени за внуки на вештерките коишто предците на царот не успеале да ги запалат, македонските жени, бестрашно и неуморно ги освојуваат улиците. Уште малку и ќе ја освојат и слободата!” - стои во воведот со кој се најави изложбата.

Дел од програмата беше и  перформансот “Девојката со сонце над главата”,  на косовската актерка, кореографка и режисерка Агнес Нокшиќи и на актерката Доника Ахмети.

„Интимниот театар“ од Битола, се претстави со “Будење на пролетта”, по текстови од Франк Ведекинд и документарни материјали. Се работи за интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа.

Еден од настаните кој секако предизвика голема посетеност беше гала вечерта на раскажување женски приказни - “ПичПрич”. За концептот и реализација на програмата беа задолжени Ана Василева и Румена Бужаровска.

11157563_10207768397704117_2304770077567215416_o

Фото: Ванчо Џамбаски

Четвртото издание на “Прво па женско”, беше збогатено со неколку предавања и дискусии на различни теми. Анти-предавањето на Елизабета Баковска на тема: “Женското писмо (не) постои”, беше дел од  петто предавање во рамките на школата за феминизам “Кој се плаши од родот онлјан?”, во организација на  ХЕРА - Младински активизам и репродуктивно здравје.

“Знаеш ли да препознаеш љубов? А вистинска љубов?”,  беше дискусија на тема за која многу малку се зборува, иако според статистиката – една од пет млади тинејџерки и жени, е жртва на насилство во врска.

Одвоено беше и време за моментално најактуелниот предизвик со кој се соочува цела Европа, бегалската криза. На темата “Жените во бегалската криза”, зборуваа:  Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, Мерсиха Смаиловиќ  од НВО „Легис“ и хуманитарката Ленче Здравкин.

12841218_459329994276031_5996533970600901606_o

Презентирана беше и идејата: “Една може”, што претставува група за самопомош на еднородителски семејства, на која ЦИВИЛ – Центар за слобода и ја даде целосената поддршка.

Во рамките на трите фестивалски дена се реализираше и  паралелната програма за одржување на стрип работилница со Хелена Јанетиќ од Хрватска, работилница наменета за деца на возраст од 8 до 12 години, хуманитарна акција за собирање на помош за жените-бегалки, а функционираше и мобилната клиника на ХЕРА за женско здравје на паркингот на МКЦ.

Програмата заврши синоќа со концертот на Ана Ќурчин од Србија.

„Прво, па женско“ и оваа година беше во организација на “Tiiiit! Inc.“ - неформална организација, која има за цел да стави особен белег на одбележувањето на 8 Март. Сите настани се одржаа во просториите на Младинскиот културен центар.

Како што посочија организаторките на овој настан, жената-борец, неслучајно беше одбрана да биде главниот мотив на овогодишното издание на “Прво, па женско.” Годината што измина, на што потсети и ЦИВИЛ-Центар за слобода во својата честитка за 8 Март, беше одбележана со жени-борци во сите сфери од живеењето.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian