Извештај на ЦИВИЛ за Референдумот во Гевгелија до 17 часот

Недоволна информираност на граѓанките и граѓаните за референдумското прашање и за процедурите на спроведување на Референдумот, помали пропусти во работата на Избирачките одбори,  како и проблеми со Избирачкиот список, се клучните забелешки на набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода за текот на Референдумот во Гевгелија до 17 часот.

Референдумот во Гевгелија, што треба да донесе решение дали Општина Гевгелија ќе дозволи отворање рудници или не, според информациите на мониторниг-тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, започна со навремено отворање на сите 37 избирачки места.

Досега, според извештаите на набљудувачите, заклучно со 17 часот, Референдумот поминува во мирна атмосфера.

Од ОИК Гевгелија известија дека излезноста до 13 часот е околу 40%. Според неофицијални податоци од нашите набљудувачи, излезноста на Референдумот на повеќе избирачки места во Гевгелија веќе надмина над 50 отсто од регистрираните гласачи во општината.

ЦИВИЛ ќе излезе со изјава за медиумите со прелиминарен извештај од набљудувањето на Референдумот, по завршување на гласањето во 19 часот, пред зградата на Општинскиот суд во Гевгелија.

Како и секогаш, ЦИВИЛ е отворен за пријавите од граѓанките и граѓаните, како и прилозите на граѓанските новинари. Пријавите за нерегуларности може да се поднесуваат на телефонските броеви: 078/746-138 и 077/691-526, а на располагање е и веб страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности. Во оваа прилика, ги потсетува граѓанките и граѓаните дека ЦИВИЛ неодамна објави и онлајн Пријава на политички притисоци, мобинг и дискриминација. Пријави може да се поднесуваат и преку порака на Фејсбук страницата Слободни избори.

ЦИВИЛ ќе ги достави пријавите до Општинската изборна комисија во Гевгелија, а за текот на референдумот ќе ја информира јавноста преку соопштенија, прилози на веб страницата ЦИВИЛ Медиа и информации на социјалните мрежи на ЦИВИЛ.

Право на изјаснување на референдумот имаат нешто повеќе од 19.000 жители на Општина Гевгелија, на 37 избирачки места.

ЦИВИЛ ги следи подготовките за референдумот од првиот момент кога советниците во Општина Гевгелија едногласно одлучија за негово спроведување. Набљудувањето на референдумот се спроведува на волонтерска основа.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian English