Извештај од долгорочното набљудување на ЦИВИЛ

Скопје, 10 октомври 2017 г.

Основни податоци за изборниот мониторинг на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ-Центар за слобода спроведува континуиран мониторинг на општествено-политичките состојби во изборен контекст. Од почетокот на годината дваесеттина луѓе се распоредени низ целата држава кои ја набљудуваа состојбата. Со приближување на изборите во август, тој мониторинг се интензивира, а се разбира со почетокот на предизборната кампања, предвидена со Изборниот законик, тоа се става со цел капацитет.

ЦИВИЛ работи секојдневно на овие теми, односно на изборниот мониторинг. ЦИВИЛ ќе набљудува со 191 набљудувач на овие избори кое се акредитирани од ДИК, меѓутоа соодветно на методологиите на ЦИВИЛ, кои се уникатни и кои се комплементарни на другите невладини организации и набљудувачки мисии, блиску и секојдневно соработува со граѓанските новинарки и новинари, како и со соработниците и дописниците на ЦИВИЛ Медиа, во медиумската платформа на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ – Центар за слобода внимателно ги следи настаните и процесите поврзани со изборниот процес во Република Македонија и редовно ја известува јавноста за наодите, анализите и ставовите преку медиумската платформа на организацијата. ЦИВИЛ ја набљудува општествено политичката состојба воопшто и во контекст на локалните избори од јануари 2017 со над дваесет мобилни набљудувачи распоредени низ целата земја.

По распишувањето на локалните избори на 6 август, ЦИВИЛ го интензивира мониторингот во изборен контекст и го зголемува бројот на набљудувачи и ја продлабочува соработката со граѓанските новинарки и новинари. Во меѓувреме, на 15 јули започнува имплементацијата на проектот Слободни медиуми за слободно општество, посветен на јакнење на слободата на изразувањето и медиумските слободи и на граѓанското учество во градењето на слободното општество. Проектот го финансира Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Проектот Граѓански објектив влезе во третата година од своето постоење, на 1 октомври, посветен на промовирање на транспарентни и одговорни политички процеси, преку граѓанско учество и посебен фокус на граѓанското новинарство. Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) го финансира овој проект од 2015 година.

Изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е овозможен преку споменатите долгорочни проекти и со специфични грантови од Програмата за граѓанско учество на УСАИД и од Амбасадата на Швајцарија.

Мониторингот на ЦИВИЛ е комплексна, долгорочна програмска активност. Во мониторингот на ЦИВИЛ е вклучен и тим од истражувачи, аналитичари и новинска редакција во Скопје. Организацијата спроведува изборен мониторинг од аспект на одбрана на човековите права и слободи, посебно од аспект на правото на глас, според уникатни методологии, комплементарни на набљудувањето на другите домашни и странски набљудувачки мисии.

 

Државната изборна комисија и Избирачки список

Од тоа што го гледаме во изминатиот период, не сме убедени дека Државната изборна комисија има доволно прочистен Избирачки список, кој ќе им обезбеди право на глас на сите граѓанки и граѓани, кои на денот на изборите ќе сакаат да гласаат, да го остварат своето фундаментално право.

Имаме над 120 случаи на „исчезнати“ гласачи од Избирачкиот список. Гледаме многу индикативни и симптоматични примери за тоа дека Државната изборна комисија, односно, администрацијата не успева да излезе во пресрет на барањата на граѓанките и граѓаните.

Имаме случаи во кои граѓанките и граѓаните регираат на тоа дека имаат фантоми на своите адреси и потоа се случува, во корекцијата на Избирачкиот список, токму тие граѓани кои го пријавиле тоа, да исчезнат, а да останат фантомите.

Исто така, гледаме дека и во овој период дека фантомите се селат од една на друга адреса, така што, во еден од документираните случаи, имаме коригиран Избирачки список на тој начин што во него останува само еден фантом на одредена адреса, за по извесно време, по проверката на адресата, на тој фантом му се придружува и една фантомка.

Имаме и примери кои говорат за тоа дека граѓаните се наоѓаат во позиција на пинг-понг топче меѓу Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи. Што се случува? Државната изборна комисија ги упатува граѓанките и граѓаните со вакви проблеми во Министерството за внатрешни работи, односно матичните служби, кои, пак, ги враќаат назад во Државната изборна комисија. Граѓанките и граѓаните кои имаат проблеми со Избирачкиот список се беспомошни, бидејќи очигледно е дека некаде таа комуникација меѓу институциите затајува.

Затоа, кога веќе видовме пример, односно, правен преседан, кога во време на изборен процес, спротивно на принципите на стандардите, се менува законот, се менува дури и самата структура на Државната изборна комисија, тогаш можеше да се изнајдат ресурси и време да се реши проблемот на граѓанките и граѓаните кои евентуално на денот на гласање не ќе можат да се најдат во Избирачкиот список. Не мора да се оди премногу далеку, доволно е да се погледнат хрватските искуства и да се види дека може едноставно да им се овозможи правото на глас граѓанките и граѓаните.

Предвидуваме дека на денот на гласањето ќе имаме многу вакви поплаки кога луѓето едноставно ќе бидат немоќни. Тоа е кршење на човековите права и кршење на законот. Дури и еден таков случај ќе биде сериозна повреда на фундаменталните човекови права.

Понатаму, доаѓаме до сознание дека Општинските изборни комисии кои требаа да ги обучат членовите на Избирачките одбори не посветија доволно внимание на тренингот. Сметаме дека не се доволни триесеттина минути, од кои првите 10 се кратка презентација, а потоа видео проекција од која членовите на ИО доаѓаат до сознанија, односно инструкции за тоа што треба да прават на денот на гласање. Ова не е доволно и повторно ќе се најдеме во ситуација во која членовите на ИО дури и ненамерно ќе мораат да ги кршат процедурите и законот, затоа што немаат доволно информации.

Комуникацијата на ЦИВИЛ – Центар за слобода со ДИК е далеку подобрена, иако сѐ уште има многу простор за подобрување. Некогаш се случува дури и само 19 минути пред одржување на седница на ДИК да добиеме соопштение. Тие седници најчесто се во попладневните часови и понекогаш е невозможно да се следат токму поради кратките рокови што ги даваат за подготовка.

Во рамките на набљудувањето на финансирањето и трошењето на јавните пари, ЦИВИЛ ќе обрне внимание и на јавните набавки на ДИК, каде што се бележи потреба од подобрување и поголема транспарентност.

Што се однесува да пристапноста на избирачките места, од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество, Инклузива, Куманово, со кое ЦИВИЛ соработува на овие избори, дознаваме дека има подобрувања во доменот на гласање на лица со попреченост, односно лица со специјални способности. Сепак, има неколку проблеми. На пример, ДИК излезе со упатство за гласање на лица со оштетен вид во печатена форма. Затоа, Инклузива решија да продуцираат аудио материјал кој ќе им помогне на лицата со оштетен вид да го остварат своето гласачко право.

Методологијата на прочистувањето на Избирачкиот список сметаме дека не е доволно добро разработена и дека префрлањето на одговорноста од една на друга институција треба да престане и тие институции да почнат да соработуваат посуштински и конкретно.

 

Предизборно насилство

За жал овој изборен процес почнува, на некој начин да наликува на еден немил изборен процес, процес со кој ЦИВИЛ и почна со набљудување во 2008 година.

Се случи оружен напад на носител на независна листа на советници, кој заврши фатално, експлозивна направа во Сарај и во Стајковци, насилство во случајот со Елвис Бајрам, обид за напад со солзавец (за среќа, осуетен од брзата реакција на полицијата). Имаме голем број случаи на оштетувања на штабови, преку десет, а во тек е и војната на плакатите, односно се оштетува пропагандниот материјал на партиите и кандидатите.

ЦИВИЛ регистрираше и повеќе сериозни закани, меѓу која е и заканата кон кандидатот за градоначалник од редовите на БЕСА. Се бележат и низа случаи на закани против новинарки и новинари, активисти, претставници на граѓанското општество, вклучително и против ЦИВИЛ-Центар за слобода.

 

Злоупотреба на администрацијата и јавните ресурси

ЦИВИЛ регистрираше и повеќе случаи на злоупотреба на јавната администрација. Крајно загрижувачки се злоупотребите на наставничките кадар. Бележиме три случаи, од кои два во Скопје, каде наставниците ги оставаат учениците во училниците сами и одат по партиски задачи, односно во кампања од врата до врата или на состаноци. Тоа е неприфатливо и против законот! Наставниците мора да останат во училница и да се грижат за своите ученици, а не да бркаат партиски агенди.

Бележиме еден случај на притисок од директор на јавно претпријатие кој врши притисок врз вработените и се заканува со откази на оние во кои се сомнева дека не се на иста линија со партијата чиј член е тој.

На локално ниво, партиите во чии раце е локалната власт, ја злоупотребуваат администрацијата и јавните општински ресурси. Едноставно, не може да се забележи разлика меѓу кампања и вообичаена општинска активност. Иако голем дел од тоа што се работи е покриено со закони и со тендерски процедури, сепак, тие се темпирани на начин, од кој можеме да протолкуваме дека имаат изборен контекст иако голем дел од нив се легитимни. Во доменот на етиката, општинските власти не стојат баш најдобро.

На државно ниво, забележуваме позитивни примери. Можеме да го споменеме примерот со Премиерот, кој на партиски митинг оди со сопствено возило. Можеби тоа е спротивно на стандардите за безбедност, меѓутоа е позитивен пример кој одамна не сме го виделе.

Министрите спроведуваат партиски активности вон работното време и според законот. Сепак, постои извесен вкус на злоупотреба, кога ќе видиме дека одредени министри во Владата се вклучени во директни партиски активности на теренот. Иако се бележи дека се држат строго до законот, не е целосно етички највисоките владини претставници да бидат толку присутни на теренот, но тоа е, веројатно, проблем на системот и треба да се решава на подолги патеки.

По толку години на ерозија на демократијата, дури и благо кокетирање со навиките од претходниот период изгледаат како голем проблем. Во секој случај, за поздравување се напорите да се почитува законот и да се одвои партијата од државата.

 

Злоупотреба на деца во кампања

Забележуваме и повеќе случаи на злоупотреба на деца. И овој изборен процес децата се користат како алатка бескрупулозно, дури и од самите родители во еден случај што го забележи мониторинг тимот на ЦИВИЛ. Тоа мора да престане! Мора да се преземат сериозни мерки, за да се подобри политичката култура и децата да се остават настрана од политиката и предизборната кампања.

Исто така, забележуваме, а постојат и фотографии и видео снимки за тоа дека деца, односно малолетници, се наоѓаат на информативните штандови на политички партии. Тоа мора да престане час поскоро! Одговорните за оваа злоупотреба мора да се санкционираат соодветно на законите.

 

Национализам и верска омраза

Национализмот и верската омраза, односно нетрпеливост се алатка со која политичките партии се користат подолго време во изборните процеси во Македонија и тоа е нешто што го придружува речиси секој изборен процес, па и оние за локални избори.

Едноставно, партиите, наместо да се занимаваат исклучиво со локални проблеми и теми на локалните избори, секогаш наметнуваат проблеми и теми што се однесуваат на национално ниво. Најчесто, тие се служат токму со национализмот, верската омраза, проблемот на Македонија со името, теми или проблеми што се однесуваат на меѓународната политика и односите со соседите.

 

Говор на омраза и црна кампања

Присутен е говорот на омраза, особено на социјалните мрежи. Мониторингот на ЦИВИЛ го опфаќа и овој дел и бележи голем дел сериозни онлајн инциденти во кои се искажува експлицитна омраза на сметка на политичките противници. Тоа е проблем кој допрва треба да го решава македонското општество.

Присутна е и црната кампања. Наместо дебата, наместо дискусија, наместо вкрстување на аргументи меѓу кандидатите, гледаме меѓусебни обвинувања преку медиумите и преку социјалните мрежи, па и во рекламните спотови на политичките партии.

 

Финансирање на политичките партии и предизборната кампања

ЦИВИЛ многу внимателно го следи финансирањето на политичките партии, особено во делот финансирање на предизборни кампањи. Не можеме да кажеме многу во овој момент, бидејќи немаме финални извештаи. Поучени од искуството во минатото, партиите не сакаат да споделат доволно податоци за тоа како трошат и колку трошат и од каде им се парите.

Остануваат уште средства на сметките на политичките партии и ќе видиме како ќе бидат потрошени. Постои извесна разлика меѓу она што ние го гледаме на терен и она што е прикажано во периодичните финансиски извештаи објавени на веб страницата на ДИК.

Сметаме дека извештаите, кои ги анализираше тимот на ЦИВИЛ, не ги отсликуваат вистинските трошоци во текот на кампањата, особено ако забележиме колку се тие застапени на теренот, каков промотивен материјал имаат, како и нивната присутност во медиумите и на средствата за надворешно рекламирање.

 

Прогноза за текот на изборниот ден, 15 октомври

Со оглед на тензиите, црната кампања и говорот на омраза, како и сериозно отсуство на дебата во општеството, ние предвидуваме мирен изборен ден во првиот дел од денот, но предвидуваме дека се можни и инциденти во последните неколку часа од изборниот ден.

Ова е проценка која се заснова на извештаите од теренот. Нашите екипи ќе бидат многу внимателни и во тој дел, особено по 16:30 часот, кога очекуваме извесно раздвижување.

Се разбира, после затворањето на гласачките кутии можни се извесни турбуленции и тензии. Се надеваме дека нема да дојде до инциденти, меѓутоа не ја исклучуваме таа можност.

Print Friendly, PDF & Email