СЈО за ЦИВИЛ Медиа: Предложен е притвор за две лица, а мерки за претпазливост - против 13 лица

По објавувањето на вчерашното соопштение на Специјалното јавно обвинителство, во кое известуваат за нивната понатамошна работа, ЦИВИЛ Медиа, испрати прашања за дополнително објаснување за постапките кои се водат во Обвинителството и за предвидените мерки.

На прашањето - за кои случаи, за колку и за кои конкретно лица се предвидуваат мерки за претпазливост, и мерка притвор, од СЈО ни одговорија само дека „одговорот на прашањето е содржан во самото соопштение објавено на Интернет страницата на СЈО“.

13410836_1138520479502201_1735303701_o

Второто прашање беше што значат мерките за претпазливост, дали тоа би значело одземање на пасош... или се работи за други тип на мерки?
Во одговорот на СЈО се вели дека „Законот за Кривична Постапка (ЗКП) разликува повеќе процесни мерки за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка пропишани во глава XVI. Како што беше наведено во соопштението, се работи за соодветни предлози за мерки, кои за секој конкретен случај се различни.

Мерка притвор е пропишана во чл. 164 од ЗКП, и како што имаме наведено, е предложена против 2 лица, во веќе поименично објавените предмети.  Мерките за претпазливост се пропишани во чл. 146 од ЗКП и се предложени против 13 лица, во веќе поименично објавените предмети. Целото соопштение се однесува на прашања во делот на постапување на ова Јавно обвинителство - по донесување на Одлуките со кои се поништи помилувањето, а не за новоотворени истраги.

Според член 146 од ЗКП, мерки за претпазливост можат да бидат:  забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето; обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање; привремено одземање на возачка дозвола, односно забрана за нејзино издавање; забрана за посетување на определено место или подрачје; забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело“.

И покрај тоа што во дел од медиумите и во јавноста се појавија и имиња на лица, за кои наводно е побаран притвор и мерки за претпазливост, сепак, официјален одговор од СЈО на оваа тема, засега нема.

М. Т.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian