Димова: Владата не е заинтересирана за ИПА фондовите, затоа што не може тие пари да ги украде!

По повод последните случувања со ИПА фондовите во Македонија, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Лидија Димова, пратеник од СДСМ, за последиците за македонската економија

ЦИВИЛ Медиа: Како ќе влијае на македонската економија скратувањето на ИПА фондовите наменети за Македонија?

ДИМОВА: Најновата информација е дека се работи за повеќе од 27 милиони евра, дополнително со Коридорот 8, цифрата ќе биде околу 100 милиони евра! Тоа се драматично многу средства. Како ќе влијае? Лошо ќе влијае од две битни причини. Прво, затоа што Македонија си дозволува да изгуби неповратни средства. Секогаш треба да го подвлекуваме фактот дека ние добиваме од  Европската унија неповратни средства за испорачување на реформа, за разлика од сите оние кредити со кои се задолжуваме и ги добиваме од кинеската влада или од Дојче Банка. Владата е толку креативна што измислува некои чудни институции од кои земаме кредити под апсурдни услови. Од таа гледна точка, тоа ќе биде штета. Ги задолжуваме идните поколенија. Ако до вчера долгот за секое новородено дете беше 2.100 евра, денеска тој ќе рипне на 2.500 евра.

Втората причина зошто ова ќе влијае штетно, е затоа што имаме обичај да ја заборавме причината поради која ЕУ ги дава овие фондови. ЕУ во нас гледа идна држава-членка и во процесот на пристапување ние треба да развиваме одредени капацитети за кога ќе станеме држава членка, да можеме без проблем да ги апсорбираме големите европски средства коишто се само за државите- членки, тие се во рамките на кохезионите и структурните фондови. Ако вие не знаете да ги искористите овие релативно мали средства, тогаш практично им кажувате на државите-членки дека кога ќе бидете дел од ЕУ, само ќе им пречите. Затоа што, ако денес не знаете да искористите 600 милиони евра, како ќе знаете утре да искористите 10 милијарди евра? Еве, ова е споредба со Хрватска. Ако Македонија беше членка на ЕУ, парите што ќе ги добиеше од ЕУ во рамките на структурните и кохезивните фондови ќе беа околу 10 милијарди евра. Тоа се три ипол сегашни буџети на Македонија! Е сега, вие не можете 600 милиони да ги искористите, овие 10 милијарди се за вас научна фантастика! И таа порака е поразителна. Се сеќавате сега, кога беше за Брегзитот, кога кажуваа Македонија и Западен Балкан да бидат членки на ЕУ, па сериозно ли зборувате?  Практично докажуваме дека не сме подготвени да седнеме на иста маса со нив. И таа е пораката којашто државите-членки ќе ја гледаат кога ќе ги слушнат овие податоци дека Македонија не ги искористила средствата.

lidija 2

ЦИВИЛ Медиа: Неодамна ММФ го повлече својот претставник за Македонија со изјава дека мониторингот не е потребен заради тоа што ММФ во Македонија нема конкретна програма. Дали ова ќе значи помало задолжување или само промена на играта?

ДИМОВА: Ова за мене значи една битна порака, а тоа е дека корупцијата во Македонија ќе се институционализира. Тоа значи дека за Владата ќе нема пречки зошто да не може да си зема кредити и проценти. Од „бомбите“ видовме дека практично сѐ што влегува како пари во оваа држава, ако нема доволно заштитни механизми, какви што имаат ИПА фондовите, тогаш завршува со големи проценти. Еве на пример, кинеските кредити, за нив слушнавме колкави е процентот. Е сега, кога одеднаш ги немате Европската унија, бидејќи гледаме дека ИПА фондовите не ни даваат да ги користиме, го нема ММФ, ја нема Европската инвестициска банка, значи, кога ги немате финансиските институции и кога се потпирате на комерцијалните банки како Дојче Банка, ние немаме потреба за ММФ. Ние си земаме комерцијални кредити. Зошто? Затоа што за комерцијалните кредити лесно можеме да се договориме со бордовите, колку пари ќе одат на име на провизија за ВМРО-ДПМНЕ. И така, полесно можат да се украдат и некој од нас да биде среќен со тие пари. Ми се чини, штетата тука ќе биде двојна. Една ќе биде штетата по угледот на државата, но двојна ќе биде по идните поколенија кои ќе треба да живеат со долговите кои оваа Влада ги создава на дневна основа.

ЦИВИЛ Медиа: Некои велат дека Владата не е заинтересирана да ги искористи овие неповратни средства од ИПА фондовите. За што реално треба да се користат ИПА фондовите?

ДИМОВА: ИПА фондовите се строго наменски. Инструментот се вика инструмент за претпристапна помош. Првата компонента од ИПА 1 служи за градење на институции. Тие исти институции, утре кога ќе бидете членка, треба да ви помогнат како да се однесувате како членка. Втората компонента е за прекугранична соработка. Тоа значи дека вие треба со вашето соседство да функционирате како целина. Третата компонента е за регионален развој, главно за инфраструктура. Европската унија ви помага да ја зајакнете инфраструктурата, бидејќи на тој начин придонесува и за развојот на конкурентноста на државата. Четвртата компонента е за развој на човечките ресурси. Значи, човечкиот капитал е исто така многу битен бидејќи вие треба да имате администрација и луѓе кои што имаат доволно квалитети и капацитети, за утре - од кохезионите фондови да можете да ги повлечете тие пари, од Европскиот социјален фонд. Петтата компонента е за земјоделството, за утре фармерите и земјопоседниците да можат да земаат директна помош од Европската унија за рурален развој. Таа е намената.

Е сега, тие што велат дека Владата не е заинтересирана за овие фондови, имаат право. Зошто? Па, го гледаме резултатот. Од ИПА 1 на пример, вкупно 620 милиони евра колку што имаше Македонија на располагање, речиси половината ги вративме во Брисел. А сѐ уште има време и ќе враќаме, и ќе видиме кој ќе биде конечниот резултат. Мислам дека реално има многу мала искористеност. Владата се фали со 30 проценти апсорпција, меѓутоа, треба да се прави разлика меѓу две работи. Зборуваме за два вида на апсорпција. Значи, едната апсорпција е преку контрактирани или склучени договори и тие се тие 30 проценти што ги имаме. Имаме склучени договори. А дали ќе се реализираат тие договори, тоа е друго прашање. Ако зборуваме за апсорбирани средства или, како што тие на англиски ги викаат, dispersed, што значи дисперзирани, веќе потрошени средства, тогаш апсорпцијата е многу помала. Тогаш, таа не е повеќе од 15 проценти. Значи, тоа ви кажува дека има тотална незаинтересираност. И да, Владата не е заинтересирана, затоа што овие пари не можат да ги украдат. Има толку многу заштитни механизми, што е практично невозможно да ги украдат. Или, можат само малку да украдат, но веднаш со прст се посочува кој ги украл. Ако утре дојде нова Влада, веднаш може да лоцира каде системот потфрлил и кој точно потфрлил. Ако има власт којашто сака да ги казни виновниците, тоа може преку ноќ да го направи.

ЦИВИЛ Медиа: Кој е виновен за оваа одлука на Европската комисија? Опозицијата обвинува дека Владата е корумпирана, а Владата обвинува дека опозицијата со создавањето на политичката криза влијаела на укинувањето на фондовите...

ДИМОВА: Неколку пати сум кажала досега, очигледно дека кога претставниците на власта учеле политички систем на факултет, избегале од часови. Значи, се знае во државата што е опозиција, а што е власт. Не може да биде опозицијата виновна за нешто што е задолжение на власта. Опозицијата не работи ни со овие пари, ниту со некои други средства. Значи, власта е таа која што го добила мандатот и работи на апсорпцијата на ИПА фондовите и на пристапувањето на Македонија во Европската Унија. Така што ова е апсурдна ситуација. Еве, ќе ви посочам една друга работа. Ако ги погледнете во последно време комуникацијата меѓу Европската Комисија и власта, околу губењето на средствата на ИПА 2, ќе видите дека клучна фигура во таа комуникација е таканаречениот НИПАК. НИПАК е Национален ИПА Координатор. Тоа е практично потпретседател на Влада, задолжен за евроинтеграции. Тоа е клучната фигура за да можат да се исполнат сите условености кои што ги бараше Европската Комисија за да не ги изгубиме парите. И ние што направивме? Во моментот кога Европската Комисија ни кажува дека клучната фигура е НИПАК-от, ние го сменивме Бесими и ставивме некој човек, тотално непозната личност, и тој човек треба со сиот негов авторитет да ги исполни сите услови на Европската Унија. Тој едноставно го нема тој политички мускул. И ние правиме вакви фискултури во момент кога практично ни виси 2016та во програмирањето. Тоа ви кажува многу за тоа кој е виновен во целата постапка.

Костадин Героски

Камера: Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian