Ќе биде макотрпно и валкано, но правдата ќе победи

Македонија стана на нозе кога ги виде трите Амазонки на Специјалното јавно обвинителство, како што ги нарече голем дел од онлајн заедницата на социјалните мрежи. Елоквентни, убави, со решителност и цврстина во гласот, Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска покажаа дека во Македонија е можно да завладее правото.

Пишува: Џабир Дерала

Тој ден, 12 февруари 2016 година треба да биде запаметен како ден кога граѓанките и граѓаните на оваа истормозена земја видоа дека правдата може да биде задоволена, дека тоа што е нормално за демократските земји во кои ни се одлеа речиси една третина од населението, има шанси да биде нормално и за нас.

Без оглед на тоа што здравиците и честитките кои на моменти се граничеа со еуфорија, тие што ги познаваат приликите во земјава, знаеја дека СЈО ќе наиде на ѕид уште истиот ден – македонскиот правосуден систем. Навистина, возбудата и надежта не траеја предолго. В мугри, наредниот ден, судскиот систем си покажа на кое ниво е веќе долги години. Осомничените за тешки криминали отшетаа.

Првичната збунетост на поранешниот премиер Никола Груевски, пелтечењето на партиските контролираните медиуми околу станарината на Јанева, ги замени арогантниот и триумфалистички контра-напад на Грујо-медиумите, збунетост и повторно разочарување кај луѓето. „Ништо нема да направат, сѐ додека властодршците ги држат судовите под контрола“ – може да се сведе во една реченица, реакцијата на многумина на социјалните мрежи или во моето електронско поштенско сандаче.

„Титаник“ е бродот кој мора да потоне, за Македонија да заплови кон мирно море. Македонскиот „Титаник“ има толку капацитет колку што имаше престапници во изминатите години на авторитарно владеење на „ВМРО-ДПМНЕ и компанија“. Најдобро е на него да се качат сите што треба да потонат како последица на нивните злоупотреби и криминали. Качувањето е тешко, а тонењето на овој брод е уште потешко. Патниците на овој „Титаник“ имаат многу пари што ги украдоа од „нивниот народ“ и од граѓанките и граѓаните. Имаат следбеници, а секако и многу соучесници, чии раце се извалкани со тешки престапи, насилство, грабеж, па и крв.

Денот кога се отвори истрагата и се подигнаа обвиненијата на СЈО ќе остави трага, сакале или не. Процесот ќе продолжи. Јасно беше дека судството не е подготвено да застане на страната на законите и правдата. Во редовите на обвинетите ќе се најдат и судии. Кој знае? Можеби и судијата кој ги пушти осомничените по дома, ќе се најде на листата за апсење. Или на клупата за сведоци. И така со ред, додека не се најдат судии кои ќе се одважат да судат според словото на законот, кои ќе решат да застанат во првите линии на обновување на правниот поредок во земјава.

Инаку, организацијата која ја претставувам, уште на самиот почеток на преговорите објави дека не треба да се преговара со протагонистите од „бомбите“ кои, ете, привремено го избегнаа притворот. Кога веќе се преговара со нив, повеќе од очекувано е жестоко да се спротистават на сопственото апсење. По потпишувањето на договорот од Пржино за надминување на кризата, излеговме со поздравување на одлуката да се формира СЈО, но и со силна препорака да се формира и Специјален суд. Тоа не беше прифатено.

Што ќе се случува сега?

СЈО продолжи со работа. Бројот на осомничени расте. Голем број граѓанки и граѓани се одважуваат да споделат информации и докази за криминалите на властодршците. СЈО ја обжали одлуката на судот. Ќе има уште вакви падни-стани ситуации. Ќе има и бегства во странство. Ќе се уништуваат докази и ќе се врши притисок и уцени врз сведоците. Не е исклучено ни насилство, екстремно насилство. Меѓуетничките тензии ќе растат, за да го дефокусираат и дивертираат процесот. Дел од обвинетите ќе станат заштитени сведоци. Ќе биде макотрпно и валкано.

Но, сето тоа ќе го пребродиме.

И апсења ќе има. Фер судења ќе има. Само површен поглед на трите Амазонки е доволен за да се верува во тоа дека правдата и правосудниот систем во Македонија ќе заживеат.


Текстот е објавен и во Плусинфо.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian