НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Датумот за избори договорен, сѐ друго е неизвесно

Неизвесноста на македонската политичка сцена се надмина со формалното исполнување на политичкиот договор на 31 август. Конечно, лидерите на четирите најголеми политички партии се согласија околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори - 11 декември, деветти по ред во самостојна Македонија.

Услови за слободни избори треба да обезбеди преодната Влада. Парламентарното мнозинство го изгласа новиот состав на македонската техничка Влада со мандат од 100 дена. Опозицијата која ја предводи СДСМ и во оваа влада учествува со Фросина Ташевска - Ременски, министерка за труд и социјална политика, Оливер Спасовски е новиот министер за внатрешни работи. Нивната обврска, меѓу другото, е да ги департизираат овие министерства и да ги насочат своите капацитети и ресурсите на министерствата за да обезбедат услови за слободни избори. СДСМ учествува и со тројца заменици министри, Кире Наумов за финансии, Александар Кирацовски за информатичко општество и администрација и и Љупчо Николовски за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Собранието ќе се распушти и ќе распише избори на 12 октомври.

Внатре-владини надмудрувања на самиот почеток

И од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ се надеваат на изборна победа. Формалниот премиер Емил Димитриев бара коректна соработка, наместо конфликти меѓу министрите и замениците. Освен организација на избори, за Димитриев е важно непречно да се одвиваат владините проекти.

Според СДСМ, намерата на опозиционите министри и замениците не е да делат власт со ВМРО-ДПМНЕ, туку да учествуваат во подготовка на кредибилни избори. Опозицијата е уверена дека повторно ќе има нечесни, скриени намери на власта, што министрите од СДСМ ќе треба да ги осуетат и спречат.

Власта е под диригентската палка на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој многумина го нарекуваат премиер во сенка. Во последните денови, власта на чело со Груевски влече чудни потези. Потврда за ова е именувањето на Оливер Андонов за министер за внатрешни работи со мандат кој траеше помалку од 24 часа. Тој, пак, веднаш го назначи Митко Чавков (неговиот претходник) за прв човек на Бирото за јавна безбедност, а потоа согласно со Договорот во Пржино си поднесе оставка, за да го прими новото решение за дополнителен заменик министер на МВР во преодната Влада. Овој потег упатува на турбулентни денови во МВР во наредните 100 дена.

Но, именувањето на Чавков преку ноќ, за директор на Бирото за јавна безбедност, како и вработувањето нови партиски кадри во ресорот МВР во очи на изборите, ги јакне сомнежите во реализација на кредибилни избори. Зашто наместо департизација,уште повеќе сраснува партијата со државата. Овие заклучоци се наметнуваат и покрај уверувањата на министерот Спасовски дека во Македонија следните избори ќе бидат фер и демократски, дека ова е време кога се става крај на изборните нерегуларности, на секој обид за корупција на гласачи, притисоци, изборен криминал.

ЦИВИЛ - Центар за слобода најави сериозен мониторинг на целиот изборен процес, со активирање на сите капацитети, со особен фокус на сите овие ресори, со намера да ја алармира јавноста за потенцијалните злоупотреби на институциите, политичката корупција и други видови нерегуларности, за кои веќе објави опширен извештај во текот на летото, под наслов „Слободни избори: услов за кој не се преговара“.

Избирачкиот список  е конечен, но дали е прочистен?

Изборната кампања предвидено е да започне на 21 ноември, а Државната изборна комисија (ДИК) ќе го затвори Избирачкиот список на 27 ноември. Изборната кампања завршува на 10 декември, кога започнува изборниот молк.

Еден од најважните услови за слободни избори е ревидиран Избирачки список. Партиите се согласија дека овој услов којшто е дел и од Договорот за надминување на политичката криза е исполнет. Сепак, опозицијата, граѓанското општество и експертската јавност и натаму се сомневаат во веродостојноста на овој документ. ЦИВИЛ повеќе пати ја алармираше јавноста за случаите во кои граѓанки и граѓани, меѓу кои се и правни експерти и новинари, се наоѓаат на „фантомската“ листа, додека „фантомите“ за кои организацијата објави повеќе извештаи, не се најдоа на списокот сомнителни гласачи. Проф. Мирјана Најческа за ЦИВИЛ изјави дека ќе поднесе кривични пријави, затоа што државата спротивно на законот, нејзе и на нејзиниот сопруг им го одзема уставното право на глас. За нив е необјасниво како може нивните генералии да се најдат на листата спорни гласачи, кога не исполнуваат ниту еден од трите законски пречки според кои се одзема гласачкото право.

Државната изборна комисија (ДИК) објави дека 30.447 спорни гласачи ќе ги избрише од Избирачкиот список. Сепак, пред изборите, на сите ќе им даде уште една шанса за увид во списокот. Конечно ако, во тие 10-ина дена граѓаните со спорни записи не се пријават во ДИК, ќе бидат прогласени за „фантомски“ гласачи и избришани од гласачките списоци.

Предизвиците во медиумската сфера остануваат

Јавноста откри дека Срѓан Керим, екс-директор на „Медиа принт Македонија“ (МПМ), бил советник на премиерот Емил Димитриев веќе половина година, откако во февруари формално се пензионираше. Владата, инаку, минатата година го номинира Керим за престижната функција генерален секретар на ООН. Во изминатиот период се спроведе голема „чистка“. Многу новинари, познати по своите заложби за професионално и објективно информирање добија отказни решенија од медиумите под контрола на власта.

Сепак, искра надеж за пообјективно информирање се појави на првиот канал на националната телевизија (МТВ). Новинарката Санта Аргирова е новата главна уредничка на овој канал, што до некаде влева надеж дека информативната програма на МТВ во овие 100 дена до избори, ќе донесе објективни и избалансирани содржини.

Привремената комисија за медиумска регулација (ад-хок тело кое произлегува од политичкиот договор) се комплетира со изборот на Љуљзим Хазири. Усвоена е и Методологијата за медиумски мониторинг на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медими.

И покрај формалните решенија и договори, ЦИВИЛ и медиумските експерти сметаат дека нема доволно гаранции дека медиумската сфера каде доминираат провладините медиуми, ќе обезбеди целосно објективно и професионално информирање.

Судството и понатаму демонстрира притисок врз новинарството. Кривичниот суд го одложи рочиштето за новинарот Зоран Божиновски, обвинет во случајот „Шпион“, зашто Апелацискиот суд не ги доставил сите доказни материјали поврзани со предметот. Пред судот, новинарите на мирен протест побараа судот да го укине притворот за Божиновски.

Наспроти сите напори и делумните реформи, остануваат големи предизвици во медиумската сфера.

ЦИВИЛ и меѓународната заедница со поддршка на работата на Специјалното јавно обвинителство

„Специјалното јавно обвинителство да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“ - е пораката на меѓународната заедница, по постигнатиот договор за избори на 11 декември.

Претходно, и ЦИВИЛ се произнесе во јавноста со соопштение во кое ја изрази својата безрезервна поддршка за работата на СЈО.

Но, блокираните измени на законите за заштита на сведоци и приватноста ја блокираат работата на СЈО, кое треба да даде гаранција за безбедност на сведоците. Во Специјалното обвинителство постојано пристигнуваат сведоци кои сакаат да бидат заштитени, но се плашат за својата безбедност. СЈО не може да им понуди соодветна заштита, зашто нема ингеренции за определување на статусот на заштитен сведок во предметите што ги води.

СЈО ги одби жалбите на обвинетите во случајот „Шпион“, но предложи намалување на изречените казни, а за дел од обвинетите побара условни казни. Обвинителството овој пат под лупа го стави и проектот „Скопје 2014“, за кој на распит беше повикана министерката за култура, Елизабета Канческа-Милеска. Сведочеше и најбогатиот македонски бизнисмен, Орце Камчев.

За јавноста остана нејасно и како Општина Битола, во време кога градоначалникот Владимир Талески е во куќен притвор којшто го побара СЈО, потпиша договор во вредност од 5,4 милиони евра.

Груевски пречекан со шпалир ученици, а училиштата без клупи и столчиња

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски има неприкосновена моќ врз работата на државните институции, дури и таму каде што политиката не смее ни да се замисли. Потврда за тоа е шпалирот ученици кој го пречека на влезот од училиштето „Димитар Миладинов“ во општина Центар, кога тој со сопругата ја носеше својата ќерка на првиот училиштен ден, во придружба на директорката на училиштето.

Лавина реакции на социјалните мрежи предизвикаа гласиштата, за наводно прераспределување на одредена наставничка, со цел да ѝпредава на ќерката на Груевски. Додека од училиштето ги демантираа гласиштита, правни експерти посочија дека ова е еклатантен пример за злоупотреба на децата во политички цели, загрозување на најдобриот интерес на детето, дискриминација и нарушување на правото на квалитетно образование, согласно со Конвенцијата на децата.

Од друга страна, првиот училиштен ден ја отслика токму долгогодишната катастрофална политика на власта во сферата на образованито. Наспроти тврдењата од Министерството за образование и наука (МОН) дека бројот на ученици се зголемува од година во година, според официјалните податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) само за десет години бројот на ученици во основните училишта се намалил за неверојатни 45 илјади или за околу 20 отсто. Според опозицијата, лага е и дека сѐ е подготвено за новата учебна година. Поради доцнење на тендерските набавки, неизвесно е кога сите ученици ќе ги добијат своите учебници. Од повеќе училишта доаѓаат информации дека нема ни доволно клупи и столчиња. Не е обезбеден ниту превоз за учениците од повеќе рурални средини каде живеат, до училиштата во градот каде што следат настава.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email