Поради неисчистени речни канали, страотни поплави во долненско!

Неисчистениот канал на реката Саждевска е причина за синоќешните поплави кои што зафатија три села во долненска општина: Дебреште, дел од Житоше, а најголеми се последиците во Лажани. Поројниот дожд што врнел повеќе од час и половина, велат жителите, предизвикал прелевање на водата од неисчистеното речно корито. За кратко време стихијата поплавила многу домови, помошни простории,првиот кат на големиот маркет во центарот на Лажани и првично околу 300 хектари со тутун и житните култури останале под вода.

Жителите се уште шокирани од синоќешната бура и соочувањето со страотната стихија, денеска ги чистат домовите, шупите, шталите, се справуваат како знаат и умеат со последиците од невремето. Тие бараат спас, итна исплата на отштета од Владата, за да може да продолжат натаму. Речиси и да нема семејство кое не претрпело некаква штета. Најголеми се штетите на Енес Црновршанин, сопственик на голем маркет во којшто, според книговодствената евиденција, имало поплавена стока во вредност од околу 8 милиони денари.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=nXGnyqh-XwA[/youtube]

Градоначалникот на Општина Долнени, Боше Милошески вели дека ќе побара од Владата итно да бидат одобрени одредени количества нафта од стоковите резерви за да интервенира што поскоро на теренот. Тој признава дека речните канали во Општина Долнени не се исчистени со години.

„Речните канали не се исчистени речиси 30 години. А, во општината има 37 критични точки, толку - колку што има населени места. Еве, оваа елементарна погода, на некој начин ја лоцираше критичната точка за с. Лажани. Ќе побараме да ни се одобри нафта од стоковите резерви, за да може веднаш да интервенираме во конкретниот случај“, изјави Милошески.

Од прилепската подружница на Водостопанство на Република Македонија соопштуваат дека конкретно Саждевска река нема регулирано речно корито, дека таа тече по природен пат, но сепак, и досега била лоцирана како критична точка во Општина Долнени.

„Саждевска река не е во наша надлежност. Нејзиното корито беше делумно исчистено, во време на претходната локална гарнитура, а и со овој градоначалник Милошески, ја лоциравме како критична точка. Кога ќе заврши тендерот за набавка на дополнителна механизација за чистење на речни корита, на крајот на годинава, очекуваме и ние како подружница, да добиеме одредени возила, според тоа, ќе можеме побрзо и потемелно да ги спроведуваме овие активности“, истакнува Гордана Тошеска, директор на подружницата на Водостопанството на Република Македонија.

Но, жителите велат дека не можат да чекаат до следната година, зашто голема е опасноста од нови поплави, доколку итно не се интервенира. Само во с. Лажани живеат околу 3.500 жители. Речиси и да нема семејство, кое не претрпи штети од поплавите. Комисијата утре ќе ги проценува штетите во соседните села, а потоа ќе се подготви елаборат што треба да се достави до Министерството за земјоделство.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email