Дали ќе нѐ огрее (лажно) сонце на слободата?

Почнаа апсењата, почнаа тепањата, почнаа и убиствата... Така е секогаш, најтемно е пред да се раздени. А не е првпат, нели, ќе забележите, вакви „убавини“ да ни се сервираат како празнична „атмосфера“.

Shkruan:Petrit Saraçini

Пишува: Петрит Сарачини

Освен со насилството, придружено со стандардната пропаганда, заканите, уцените, поткупот, началниците не се откажале и од својата игра на инсталирање на „лажно сонце на слободата“, меѓу оние кои се борат против режимот. Сепак, и ним им е јасно дека крајот се ближи, па се обидуваат да најдат понтонски мостови за „мирен“ трансфер на власта, од себе – кај себе.

Наголемо во јавноста, не само во началничките медиуми и медиумски структури, туку и во оние кои се делумно независни, а каде што има инсталирано медиумски началници и полициски прислужници, веќе се спроведува оваа стратегија. Лажното сонце на слободата ќе свети силно и примамливо, море и херојски ако треба, со цел да ја засени вистинската опозиција и борци кои 10 години се борат со овој режим, секојдневно бивајќи под жесток удар на началниците и нивната пропаганда. Токму тие луѓе, кои и онака ги гледавте малку, ќе ги гледате уште помалку во/на медиумите, на сметка на некои структури кои ја имаа тежината на оние 20-30 луѓеоколу нив, а сега ќе држат "банка" во медиумите и ќе зборуваат во име на сите што се против власта. Ќе зборуваат оние, кои ретко или никогаш не беа плукани и напаѓани од мирките, буреците, сармите и милојковците.

Од сенка, оооп, на сонце.

Обидите за поделби во „Шарената револуција“ ќе продолжат. Ќе продолжи и лажната и релативизирачка дебата во медиумите, меѓу супститутите на оние кои што ја имаат вистинската моќ и одговорност. На пример, некои медиуми упорно ги викаат ГДОМ - граѓанско движење, пази богати, како да седат на маса спроти вистински граѓански активисти, иако тоа е лажен баланс, бидејќи ГДОМ = ВМРО, а граѓанските движења не се исто што и СДСМ (освен за началниците, се разбира). Наместо вистинска дебата меѓу СДСМ и ВМРО, ќе добиваме релативизаторски и заменски дебати, а што е уште подегутантно, началнички дебати, каде што притаените началници ќе се расправаат жестоко со претставниците на ачик - началниците.

Можеби ќе растревожам некого од моите соборци со ова писание, можеби некој ќе смета дека сега не му е време, дека правам поделби... Но. јас сметам дека токму сега му е време, пред да се испечеме и ослепиме од сонцето кое ќе ни се сервира, заедно со ќотекот и крвта. Ако се случи тоа, а гледајќи како се движат работите, мошне е веројатно тоа и да се случи, по краткото "сончање", ќе следи уште поцрн мрак, кој ќе трае најмалку неколку години, пред да собереме повторно сила за вистинска борба со режимот, сила која сега ја имаме, но ризикуваме да ја изгубиме.

Драги мои сограѓан(к)и, допрва ќе станува потемно и потемно. А дали по тоа ќе ни светне? Во голема мера, тоа ќе зависи од нас, и само од нас.

Кој треба да биде нашиот одговор на оваа стратегија? Обединување - наместо дистанцирање. Солидарност - наместо лични интереси. Цврстина и решителност - наместо колебање и попустливост. Отвореност и искреност - наспроти лагите и „стратегиите“ на началниците.

Допрва не чека борба со силниот непријател. Со коалицијата која е хетерогена етнички, верски, идеолошки, но ја обединува криминалот. Тоа зло може да го победи само иста таква коалиција, која ја обединува доброто и човечноста. Со мал „апгрејд“ и дополнување на редовите кои ќе го комплетираат мозаикот, таа коалиција, таа сила ја гледам деновиве на улица, во реките луѓе на „Шарената револуција“.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian