Брутално сведоштво за култот кон оружјето

Ние, ЦИВИЛ – Центар за слобода, го изразуваме нашето најдлабоко сочувство до семејството и блиските поради трагичната смрт на детето кое настрада од заскитан куршум во гостиварската населба Фазанерија на 17 јули. Во шок и неверување, ја примивме оваа вест која на брутален начин сведочи дека нашето општество страда од култот кон оружјето.

Институциите на државата веќе одамна не обрнуваат никакво внимание на темите, проблемите и потребите поврзани со контролата на оружјето. Борбата против нелегалното оружје преку сериозни програми и проекти стивна, а козметичките зафати кои ги прават во оваа насока не даваат видливи резултати.

Само за споредба, во 2003 година, само две години по воениот конфликт, за само 45 дена, тогашната влада, во соработка со УНДП и ЦИВИЛ, собра над 7,500 парчиња нелегално оружје по пат на амнестија. Десет години по конфликтот, со проценки дека бројот на парчиња нелегално оружје во земјата не е значително намален, МВР поведе целогодишна акција за доброволно предавање на нелегалното оружје, која во јуни 2011 година заврши повеќе од неуспешно. За 365 дена МВР собра 26 парчиња нелегално оружје. Споредбите се вртоглави. Според ЦИВИЛ, голем дел од неуспехот се должи на недовербата кон МВР и отсуството на соработка со граѓанското општество.

Во периодот од 2003 до 2011 година се проценуваше дека во Македонија има 110-170 илјади поседувачи на нелегално оружје кои поседуваат едно или најмалку едно парче нелегално оружје. Нема индикатори за тоа дека овие бројки се намалиле во меѓувреме. Воедно, голем проблем е и оружјето кое се поседува со лиценца, особено ако се има предвид дека во последно време голем број инциденти и трагедии се случија токму со огнено оружје со дозвола.

Понатаму, далеку од очите на јавноста се податоците за тоа со колку и со какво оружје располагаат приватните агенции за обезбедување. Култот кон оружјето е во пораст, како и подготвеноста да се посегне по оружје и во најбанални ситуации во секојдневието. Убиствата и оружените пресметки, како и оружените грабежи одамна се секојдневие на проесчните граѓанки и граѓани во земјава.

ЦИВИЛ повикува на свест и разум. Во услови кога институциите ја ставаат безбедноста на граѓанките и граѓаните на дното од својата листа на приоритети, граѓанките и граѓаните мора да покажат зрелост и да придонесат барем кон намалување на култот кон оружјето.

Print Friendly, PDF & Email