„Немам доволно зборови за страдањата на бегалците...“

Уште една наша соработничка, волонтерка која им помага на бегалците од војната, ни го испрати своето сведоштво за доживеаните емоции поради страдањата на овие луѓе кои станаа наше секојдневие.

„Мигранти, илегалци, бегалци, страдалници... Или, само туѓинци... Слични намачени лица, различни имиња. Одат немо по патот, кој не знаат каде ќе ги одведе. Мојата Гевгелија е една од неизбежните дестинации што мораат да ги поминат. Град кој им помага и им одмага. Нож со две острици...

Мојата организација, отворена за помош секому и секаде, се обидува барем малку да им го олесни трнливиот пат на овие страдни души. Се јавивме во локалната болница, ни кажаа дека имаат пациенти од мигрантите на Гинекологија. За неколку часа се мобилизиравме и присобравме храна, облека (најмногу детска) и вода. Се упатив кон болницата видно возбудена, кога не можеме на сите да им помогнеме, барем некого ќе усреќиме. На вратата на одделот ме пречекува босо детенце кое седи во скутот на еден човек, претпоставувам, татко му. До него, девојче му зборува на еден повозрасен човек. Му се претставувам на човекот, но не ме разбира.

Сепак, не се потребни зборови за да ја забележам тагата и несигурноста во неговите очи. Ми приоѓа медицинската сестра, знае зошто сум дојдена и ме упатува кон собата што ја барам. Таму ме пречекува глетка од која ми се насолзија очите. На два од трите кревети лежат бремени жени во поодмината бременост, до нив, стуткано по уште едно дете, а на третиот кревет младо момче со главата длабоко нурната во перницата. До еден од креветите стои млад човек, претпоставувам сопруг на некоја од жените. Го поздравувам, а тој срамежливо погледнува во ќесите кои ги држам. Му ги подавам оние што ги носам, а сестрата ги внесува и останатите. Милно ме погледнува и ми се заблагодарува со составување на рацете.

Сестрата ја забележува мојата вознемиреност и се обидува  да ме утеши: „... Не се секирај, делат тие се, се што им донесе, ќе си поделат, ќе има за сите...“ Ја прашувам за состојбата на пациентите. Ми одговара дека и двете жени се изморени и дехидрирани од патот. Примени се со болки во стомакот и задржани се на неколкудневно лекување. А момчето, ми објаснува покажувајќи кон него, слепо е и има проблеми со дишењето...

Прашувам, а што ќе биде со нив, потоа? Сестрата крева раменици... Излегувам од собата и се упатувам кон излезот, но сликата од болничката соба, сликата на очај и неизвесност, и натаму ми е пред очи...

Тешко дека ќе ја заборавам некогаш“.