Барикади за ДИК!

Денес во 11,00 часот, Државната изборна комисија (ДИК)  ќе одржи јавна седница, на која ќе одлучува за поднесените приговори на СДСМ и на Беса за текот на гласањето и броењето на гласовите. Поради вчерашните најави и заканите од одделни општински комитети на владеачката ВМРО-ДПМНЕ дека симпатизери на партијата ќе дојдат да извршат притисок врз ДИК, според снимките на новинарот на ЦИВИЛ Медиа, објектот во кој се наоѓаат просториите на Комисијата е дополнително заштитен со метална ограда. 

СДСМ и Беса поднесоа по осум приговори за кои ДИК има рок од 48 часа, што истекува вечерва, да се произнесе. Во соопштението на ДИК се вели дека на седницата „единствена точка на дневен ред ќе биде разгледувањето и одлучувањето по приговорите поднесени од подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието, а кои се однесуваат на постапката за гласање и на постапката за сумирање и за утврдување на резултатите“.

dik-so-ograda

ДИК во понеделникот вечерта ги соопшти првичните резултати, според кои ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имаат 51 мандат, СДСМ со коалицијата 49 мандати, ДУИ - 10, Беса - 5, „Алијанса за Албанците“ - 3,  и ДПА – 2 мандата. Но, опозицијата предводена од СДСМ тврди дека ако приговорите им бидат прифатени, бројот на пратенички места би бил во сооднос 50: 50, меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Беса се надева на едно до две пратенички места повеќе, а ВМРО-ДПМНЕ излезе со дециден став дека изборите биле „кристално чисти“.

По изјаснувањето на ДИК, подносителите на приговори имаат право да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа, а Судот потоа,  има рок од 48 часа за одлука.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian