ЦИВИЛ: Потегот на ДИК е сериозна дамка врз изборниот процес!

По повод одлуката на ДИК да не се врши теренска проверка на пријавите од граѓаните за неправилности во Избирачкиот список, ЦИВИЛ – Центар за слобода, смета дека „тоа што беше најважно за стекнување на доверба во Избирачкиот список и воопшто, во изборниот процес во Македонија, теренската проверка - не успеа, не помина и сметаме дека тоа ќе биде една дамка, сериозна дамка во целиот процес. Добра беше алатката. Таа им овозможи на голем број на граѓанки и граѓани да пријават неправилности во Избирачкиот список, кои упатуваат - колку на прекршоци, толку и на можни криминални дејства за кои има соодветни истраги. Гледаме дека тој почетен импулс, таа почетна надеж, беше скратена и дека едноставно, сега немаме услови во кои ќе можеме докрај да стекнеме доверба во изборниот процес, воопшто, а во Избирачкиот список посебно.

ЦИВИЛ сепак, изразува надеж дека, членовите на ДИК, имајќи ги предвид нивните експертски капацитети, ќе најдат некое решение да ја надополнат штетата што во овој момент, се нанесува со оваа одлука“.

Членовите на Државната изборна комисија вчера едногласно го изгласаа упатството за теренската проверка на Избирачкиот список, но пријавите од револтираните граѓани за бројните неправилности и хаосот што владее во списокот, сепак, нема да бидат земени предвид при утврдувањето на упатството! Мнозинството членови на ДИК, не го прифатија предлогот на Игор Милев - теренска проверка да се прави и по пријавите на граѓаните, (што со условот граѓаните задолжително да доставуваат и документација како доказ, го поддржа и Бедредин Ибраими), па така, оние 3.000 пријави за неправилности од граѓаните, преку Интернет апликацијата, од кои Комисијата разгледала само 683, ќе останат само дел од изборниот фолклор во држава како Македонија, во која навистина, сé можно и ништо веќе не ги изненадува обичните смртници.

Во ДИК траат вкрстените проверки на базите на податоци од различни институции, а Комисијата најави дека постои можност првите резултати да се објават викендов. Потоа, ќе следи теренската проверка на проблематичните прашања што ќе произлезат од вкрстеното проверување, но не и од пријавите на граѓаните.

Министерството за внатрешни работи ќе формира една работна група на државно ниво и осум на локално ниво, кои секојденвно ќе одговараат на барања на ДИК и на прашања поврзани со предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.  СДСМ пак, отвори телефонската линија (02/3293-109) на која граѓаните пријавувале бројни неправилности во Избирачкиот список, на кој само за еден ден се пријавени бројни неправилности на избирачкиот список - 750 - фантомски гласачи на домашни адреси на граѓаните, 47 - непостоечки станови, 14 - непостоечки влезови, 112 - иселени граѓани, 7 - гласачи запишани на адреси на државни институции и деловни простории…

Претседателот на СДСМ Зоран Заев изрази надеж дека Државната изборна комисија ќе има доволно време да го прочисти Избирачкиот спосок и да обезбеди фер избори, и потецнираше дека очекува „повеќе од 100 илјади сомнителни или таканаречени неконзистентни податоци од самите бази на податоци“.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, се работи за ново сценарио за спас на раководството на СДСМ - алиби за одлагање на изборите, за бегство од изборите или за непризнавање на резултатите од изборите.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека СДСМ се обидува вештачки да создаде привид дека постои хаос и неправилности во Избирачкиот список. Тој тврди дека гласачи на избори се сите лица кои имаат државјанство, а не оние кои живеат „на онаа или оваа адреса“, како и дека „кривично дело би било доколку едно лице гласа на две места, но во овој случај, немаме таква ситуација, само имаме дека некој граѓанин се преселил од едно на друго место, а не ја пријавил адресата во МВР, најчесто затоа што и не знае дека треба да се пријави“.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian