НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Македонија - земја на протести, на шест дена пред историските избори!

Државата ни наликува на еден голем плоштад, каде во секој агол, секоја од 11-те партии и коалиции, учеснички на предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември - по само шест дена, ветуваат на „големи ѕвона“ поубава иднина, веднаш, од денот потоа...

prilep

Македонија врие! Граѓаните незадоволни од работата на власта, речиси секој ден се на протести. Околу 700 Југохромци реагираат, затоа што Инспекторатот за животна средина се одлучи да спроведува закони против аерозагадувањето, пред избори. Граѓанските организации бараат од државата да ги зголеми буџетите за борба против ХИВ, но и да се спречи аерозагадувањето кое е над нормални граници во многу градови во државата. Во најголемиот синдикат, Сојузот на синдикати на Македонија, се води битка за смена на лидерот Живко Митревски, којшто изрази отворена поддршка на власта, и тоа, во име, но без согласност на сите гранкови синдикати. Здравството се соочува со недостиг на кадар, докторите апелираат на прес-конференции. Претставници на Владата во работно време извршуваат партиски активности. Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски, со вакви обвинувања, директно посочи на својот колега, дополнителен заменик-министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Диме Спасов. Актуелниот дополнителен министер за внатрешни работи, Оливер Андонов пак, поднесе два приговора против министерот Оливер Спасовски и коалицијата предводена од СДСМ, за прекршување на Изборниот законик...

Федерализација или конфискација!

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, по 10 години владеење, ветуваат отворање на работни места и борба против корупцијата. Експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го обвинува неговиот најголем опонент, опозициониот лидер, Зоран Заев дека доколку дојдел на власт, ќе ја федерализирал државата и ќе воведел двојазичност.

gruevski-poster
Заев, лидерот на СДСМ, којашто ја предводи најголемата опозициона коалиција „За живот во Македонија“, потенцира дека нема да воведе „федерализација и двојазичност, туку конфискација на имотот и враќање на парите во државата“ (пари, кои според него, претставници на дел од владите на Груевски, ги ефектуирале преку провизии и разни кривични дела) ќе бидат неговите императиви, ако биде премиер на Македонија.

Во период пред избори, „кочниците“ во работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) продолжуваат, иако согласно со Договорот од Пржино, а со посредство на меѓународната заедница, СЈО е формирано со „амин“ на четирите релевантни политички партии на македонската политичка сцена: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Кривичниот суд по втор пат го одби барањето на СЈО за издавање наредба за пребарување на компјутерските податоци складирани во сервери, а кои се однесуваат на записи од кои може да се утврди кои телефонски броеви биле предмет на следење на комуникациите кај телекомуникацискиот оператор, што не соработувал со истрагата во прислушувањето. Според Судот, барањето на СЈО е непрецизно и нејасно.

Избирачкиот список е затворен, но не е пречистен!

Државната изборна комисија (ДИК) го затвори Избирачкиот список, според кој, во Македонија има 1.531. 368 гласачи. Увидот потврди дека од Македонија, на привремен престој и работа во странство се 230.122 гласачи, кои нема да гласаат и 20.573 граѓани кои исто така се на времен престој, но кои ќе гласаат на овие избори. Овие податоци говорат за масовното иселување на граѓаните, за што, и во извештаите на Светска банка и Организацијата за европска соработка и развој (ОЕЦД) се нотирани проценки дека од Македонија се иселиле околу 300.000 лица, од 1998 до денес. Но, неофицијалните проценки се и до 447.000 иселени лица, вклучувајќи ги граѓаните коишто немаат формални дозволи за престој, а заминале во потрага по подобра иднина, во изминативе 10 години. Светската банка ја рангира Македонија на 23-то место според стапката на емиграција, и тоа во 2012 година.
Избирачкиот списокот е затворен, но не е исчистен! Присуство на „фантоми“ во ЦИВИЛ-Центар за слобода, пријавуваат граѓан(к)и од голем број општини во Македонија, кои се жалат дека и по пријавите во ДИК, не се извршени корекции во ИС. Се пријавуваат нерегуларности, злоупотреби на државни ресурси во изборни цели, злоупотреба на службена должност, притисоци врз администрацијата, злоупотреба на деца во изборни цели... ЦИВИЛ прогласи нулта толеранција за изборни злоупотреби!

png-500x268

Јавното обвинителство на Македонија соопшти дека Комисијата за следење на изборните нерегуларности, со задача да постапува во сите настани каде постојат индиции за сторени кривични дела поврзани со изборите, досега оформила 42 предмета.
Потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца пријави дека му се вршени притисоци и уцени од главниот и одговорен уредник на „Лајм“, Фејзи Хајдари. Но, потоа ги повлече обвинувањата и исказот даден во битолската полиција! По реакција испратена од редакцијата на весникот „Лајм“, потпретседателот на ДИК, Прекопуца објасни дека сепак, не добивал закани од главниот уредник како што беше наведено во полицискиот билтен.
Медиумите и покрај мониторингот на ААВМУ и ад хок телото, како регулаторни тела, задолжени за балансирано известување во период од 100 дена до избори, и натаму продолжија, со своите досегашни уредувачки политики. Најголем број медиуми, остануваат со провладин дискурс и во време на избори.
Според сите овие случувања (иако е забележливо придвижување кон враќање на демократијата во општеството, особено од аспект на пријавување на притисоци, закани, уцени и разни злоупотреби на службената позиција и државни ресурси во партиски цели), во Македонија на шест дена пред изборите, секаде, не се стекнати сите услови за фер и кредибилни избори, потенцираат експерти на ЦИВИЛ.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email