Пријавете го своето „исчезнување“ од Избирачкиот список

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријават случаи во кои нивното право на глас било оневозможено затоа што ги немало на Избирачкиот список на денот на изборите, 11 декември. Ова особено се однесува на оние што претходно биле на онлајн верзијата на Избирачкиот список, а не биле во него на денот на гласањето.

Пријавете го своето „исчезнување“ од Избирачкиот список по електронска пошта, на [email protected] или на телефонскиот број 02 / 520 91 76. Притоа, треба да го кажете своето име и презиме, адресата на живеење и бројот на Избирачкото место од кое ве снемало. Пожелно е да имате скриншот (фотографија) од Избирачкиот список каде што претходно сте се увериле дека ве има.

ЦИВИЛ веќе го соопшти прелиминарните наоди за изборниот ден, во чии рамки се и податоците за повеќе стотици граѓанки и граѓани кои биле на Избирачкиот список, а на денот на гласање не им беше овозможено правото да гласаат, затоа што ги немало. Многумина од нив веќе поминаа низ процедурите да се регистрираат, да ги избришат фантомите на своите адреси, за потоа да откријат дека фантомите останале на нивните адреси, но нив мистериозно ги снемало.

Граѓанките и граѓаните ѝ помагаа на Државната изборна комисија да го ревидира Избирачкиот список, но за тоа не добија ни благодарам од институциите. Наместо тоа, дел од нив не гласаа поради хаваријата на овој документ. За таа неправда, надлежните треба да понесат одговорност, а грешката да се исправи час поскоро, бидејќи нè очекуваат локалните избори.

Оваа акција ја спроведуваме со цел сите заеднички да побараме исправка на грешката и одговорност за неправдата.

Не смееме да дозволиме фантомите и починатите да гласаат, а живите луѓе да си одат дома со прегазено основно право на глас.

Собраните податоци од онеправданите граѓанки и граѓани ќе ги доставиме до Државната изборна комисија, како што тоа го сторивме на 9 декември кога на ДИК им доставивме 104 целосно документирани случаи и имиња на уште повеќе лица за кои имавме индикации дека постои можност да „исчезнат“. Да потсетиме, на 9 декември немаше ниеден член на ДИК во зградата, па дури ни архивата не работеше, 48 часа пред изборите.

Print Friendly, PDF & Email