Власта „остварува“: Панорамското тркало ќе се врти по секоја цена!

Лицемерието на власта - нема крај! Додека првите луѓе на државните институции се фотографираат и парадираат пред камерите и даваат изјави за нивната загриженост и потресеност за загубените животи и за материјалните штети од невремето што го зафати Скопје пред три дена, и денеска не престанува израдбата на милионското Панорамско тркало на Вардар. И денеска, на градилиштето имаше работници и градежна механизација...

p. trkalo1

Иако уште минатата година имаше рационални предлози за пренаменување на 18-те милиони евра што ќе се потрошат за Тркалото - за многу поважни проекти во било која сфера, власта опстојува на идејата, која во една сиромашна и задолжена земја, најблаго речено, може да се наречена крајно неодговорна, па дури и налудничава. А во моменти кога Македонија жали за загинатите во невремето и кога се посилно се поставува прашањето на одговорноста на централно и на локално ниво, за жртвите и за штетите, продолжувањето на изградбата на Панорамското тркало (како уште еден непотребен кич-објект на Вардар, покрај корабите/галиите), е дегутантно непочитување на страдањата на скопјани и навреда за сите жртви на природната катастрофа и на човечката негрижа.

DSC_0004

На новинарски прашања конкретно не одговорија ни градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, ни министерот Никола Тодоров, ни претседателот Ѓорѓе Иванов... Не најдоа за потребно да и соопштат на јавноста дали го прифаќаат предлогот - огромните средства предвидени за аздисаната идеја за Панорамско тркало да се пренаменат за санирање на штетите од поплавите. Одговорите дека сега не е момент да се разговара за тоа, бидејќи требало најпрвин да им се помогне на настраданите, е во духот на досегашното однесување на власта која цела деценија одбива соочување со јавноста и поднесување очет и одговорност.
trkalo2

Токму сега е крајно време, наместо досегашното, неодговорно расфрлување на парите на граѓаните,  власта да покаже слух за солидарност кон настраданите граѓани на Градот на солидарноста.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English