Набљудувачите се должни да ги почитуваат законските одредби поврзани со референдумот

Државната изборна комисија ги повика изборните органи да се придржуваат одговорно и професионално според законските процедури во референдумскиот процес.

Во истото соопштение најголемиот дел се однесува за тоа што им се должностите, а што не смеат набљудувачите на денот на гласање.

Акредитирани набљудувачи, како што известува ДИК се должни да се придружуваат до правилата и процедурите од Кодексот за набљудување на Референдумот 2018 и доследно да ги применат законските прописи што произлегуваат од Кодексот.

Набљудувачите се должни да ги познаваат и почитуваат одредбите од Изборниот законик, Законот за референдум и другите облици на изјаснување на граѓаните, да се непристрасни во извршувањето на своите должности и не смеат да изразат пристрасност кон изборните органи, да носат беџ на ДИК на видно место, но и да имаат лична исправа, и своите заклучоци да ги засноваат на документирани и потврдени факти.

Она што не смеат да го прават набљудувачите е да влијаат на било кој начин во постапката на денот на изјаснувањето на референдумот како и во постапката на броење на гласовите, да даваат упатства на гласачите, изборните органи, овластените претставници и овластените службени лица, да не носат партиски симболи и ознаки, да влијаат на работата и одлуките на изборните органи.

ЦИВИЛ – Центар за слобода апелира до своите акредитирани набљудувачи да се придружуваат и почитуваат упатствата од Државната изборна комисија.

Б. Ј.