Кои лекции (не) ги научивме? ЦИВИЛ утре ќе ја презентира анализата на локалните избори

Резултатите од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ во кој учествуваа повеќе од 330 луѓе, вклучително и експертските и координативните тимови на организацијата, ќе бидат претставени на јавниот настан „Локални избори 2021: Научени лекции“, утре, на 23 декември, во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион), со почеток во 12 часот.

Финалниот извештај, анализите и препораките што произлегуваат од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ ќе бидат објавени во публикацијата „Локални избори 2021: Научени лекции“ која, по одржувањето на јавниот настан ќе биде објавена онлајн, на медиумската платформа на ЦИВИЛ. На располагање ќе бидат и 300 примероци од публикацијата, на македонски, албански и англиски јазик. Во подготовката на публикацијата учествува целиот тим на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦивилМедиа, како и широк круг на соработнички и соработници на организацијата.

Дополнително, ЦИВИЛ ќе објави уште три публикации поврзани со изборните процеси, препораките за реформи на изборниот систем, политичкото финансирање, кампањите и медиумите, како и други важни аспекти од оваа област.

Презентацијата ќе биде пренесувана во живо на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на ЦИВИЛ.

На јавниот настан се поканети претставнички и претставници на политичките партии, институциите, граѓанските организации, меѓународната заедница и медиумите.

Според програмата, презентацијата ќе трае околу 30 минути, по што е предвиден и отворен микрофон за обраќања не подолги од три минути, а во 13 часот, присутните ќе бидат поканети на скромен коктел.

Настанот ќе трае 120 минути и се организира според протоколите за заштита од КОВИД-19, поради што потребно е да се пополни Пријава за учество на настанот.

ЦИВИЛ го набљудуваше изборниот процес како компонента во други проекти и тоа: „Европски перспективи“ со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, „Граѓански објектив“, поддржан од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy) и институционалната поддршка на организацијата од Програмата Цивика Мобилитас, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Организацијата им благодари на сите набљудувачи, соработнички и соработници кои дадоа несебична поддршка и посветено работеа на спроведување на изборниот мониторинг. Голема благодарност и до огромниот број граѓанки и граѓани кои ја искажаа својата поддршка и доверба за ЦИВИЛ.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish