Кршење на изборниот молк, притисоци врз гласачите и говор на омраза

Атакот врз гласачите во Мелбурн, постиран и споделуван на социјалните мрежи претставува шокантно, грдо и грубо кршење на изборниот молк и притисок врз гласачите. Среде изборниот молк, овој антидемократски акт се злоупотребува на социјалните мрежи и во Македонија.

ЦИВИЛ најостро го осудува кршењето на изборниот молк и бара од институциите решително да го спречат секое кршење на Изборниот законик, кршењето на изборниот молк, поткупот и притисоците врз гласачите во било која форма! Говорот на омраза мора да престане!

Грубо кршење на референдумскиот молк беше регистрирано во Радишани во текот на попладневните и вечерните часови на 28 септември. Улиците, особено автобуските постојки беа преплавени со летоци на Бојкотирам, а агитацијата против референдумот продолжи и во вечерните часови.

ЦИВИЛ реагира и на крајно навредливата содржина во однос на родовите прашања. Дел од пропагандниот материјал на бојкотирачите има содржини и пораки кои се крајно навредливи за жените.

Изборниот молк го крши и партијата Левица. Флаери потпишани од Левица со порака „Бојкотирам“ беа фрлени во влезовите во зградите во центарот на Скопје, вклучувајќи го и влезот во седиштето на ЦИВИЛ во утринските часови на 29 септември.

Функционери на ОК ВМРО-ДПМНЕ го кршат изборниот молк во Прилеп. Тие, на своите Фејсбук профили објавуваат пропагандни содржини против референдумот. Специфично кршење на изборниот молк се врши и од страна на една партиска функционерка на опозицијата во Велес, која во коментарите на одредени содржини на Фејсбук спроведува пропаганда.

Кршење на молкот се бележи и на Фејсбук страницата на партијата Единствена Македонија, каде што во изборен молк се објавуваат видео содржини со пропагандна содржина од нивниот митинг во општина Јегуновце. Исто така, се бележи кршење на молкот и преку Фејсбук профилот на еден од лидерите на Тврдокорните.

До нашите долгорочни набљудувачи стигнаа пријави од граѓанин за агитација и во општина Лозово, од страна на активисти на СДСМ во време на молкот, на 28 септември.

Во неколку приватни фирми во Гевгелија, во сопственост на едно семејство што го поддржува бојкотот, во текот на изминатите денови, како и за време на референдумскиот молк, се врши отворен притисок врз работниците да не гласаат. „Ако излезете на гласање, не доаѓајте на работа“ е главната порака на сопствениците, според сведоштвата до кои дојдоа набљудувачите на ЦИВИЛ.

Кршење на референдумскиот молк од страна на структури што го поддржуваат бојкотот, освен во Центар, Бутел и Прилеп, се бележи и во Штип, Кочани, Пробиштип, Гази Баба и неколку други општини низ целата земја. Тимот за анализа и координација на ЦИВИЛ обработува уште триесетина извештаи од цела Македонија.

Очигледно е дека оваа кампања во голем дел се потпира на социјалните медиуми како Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Изборниот молк се крши токму преку социјалните мрежи, а ефектот од попречувањето и притисокот врз гласачите се мултиплицира токму преку нив. Се користат сите можни недостатоци и отсуство на законски ограничувања, за да се води валкана политичка борба, надвор од сите демократски и етички норми.

Како организација за човекови права и слободи, основана во 1999 година, ЦИВИЛ се залага за максимално почитување на правото на глас и ги охрабрува граѓанките и граѓаните тоа право и да го искористат. ЦИВИЛ не води кампања, ниту ЗА, ниту ПРОТИВ, а го уважува и правото на гласачите да апстинираат, но остро се спротивставува на говорот на омразата, притисоците и поткупот.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480. Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ ќе отвори прес центар, в недела на 30 септември, кој ќе работи од 6 наутро до полноќ.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English