Договор кој не ветува

Договорот за иден договор за спроведување на веќе потпишаниот Договор од Пржино - не е она што го бараа(т) граѓаните и граѓанскиот сектор. Со постигнатиот компромис, се адресира само мал дел од проблемите кои доведоа до тешката повеќегодишна општествена, а не само политичка криза, како што погрешно се дефинира она што ни се случува на сите во Македонија.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Затоа, разбирлив е и гневот и разочарувањето кај голем дел од граѓаните, учесниците во протестните движења, формалните и неформалните иницијативи на граѓанскиот сектор, кои сите овие години излегуваа на улици и се бореа за нивните права, а и понудија конкретни, одржливи и долготрајни решенија, што, очигледно не беа земени предвид сериозно од политичките актери.

Да го земеме за пример компромисното решение за медиумите кое произлезе од овој последен меѓупартиски „договор“. Зарем има нормален и рационален човек во земјава кој верува дека тоталната деградација на медиумскиот амбиент ќе се адресира со формирање на ад-хок партиско тело за оценка на известувањето на медиумите, со смена на уредникот во МТВ и глумење на „демократски плурализам“ на медиумската сцена, која е уништена од клиентелизмот и бруталното мешање на власта и центрите на политичката и економската моќ во уредувачките политики на медиумите?

И тоа, во услови на непостоечки медиумски пазар, каде што медиумите не зависат од парите на публиката и од комерцијалните реклами, туку од буџетски пари и пари на бизнисите на нивните политички и економски мецени?! Во анализата која неодамна ја објави ЦИВИЛ, како дел од публикацијата „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, јасно ја исцртавме патеката низ која се одвиваше јаловиот обид на политиката да ја поправи медиумската слика во периодот по Пржино, како и решенијата кои ги понуди граѓанскиот сектор и професионалните медиумски организации. Ништо од тоа суштински не е земено предвид со последниов „договор“ на четирите партии кои преговараа за излез од „политичката криза“.

Дај боже, сите ние да грешиме, а да испадне дека договорените страни ќе успеат да го извлечат општеството од ќорсокакот, во кој самите тие го доведоа. Но, логиката вели дека оние што го создале проблемот и придонеле за неговото метастазирање, тешко дека успеат самите да го решат.

Набрзо, за месец - два, ќе видиме кој е во право. Доколку испадне дека скептиците се во право, граѓаните ќе мора да изнајдат нов начин за артикулирање и реализирање на нивните барања. Но, овој пат, ќе мора самите цврсто да го грабнат бајракот и сами да ја предводат борбата, градејќи широк општествен фронт на сите структури, и политички и „неполитички“, кои не се вклучени во формалниот политички процес што се обидува да адресира голем општествен проблем, но, всушност, само преку задоволување на парцијални партиски интереси.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian