12 април: Ден на протестот

Видео проекција и музика ќе биде дел од одбележувањето на Денот на протестот, во петок, на 12 април, како продолжение на иницијативата на фотографот Александар Кондев и на ЦИВИЛ.

Одбележувањето на Денот на протестот и оваа година е во организација на ЦИВИЛ и ќе започне во 14 часот кај Споменикот на загинатите војници 1991-1992, пред кафулето „Гарсон“. Денот ќе се одбележи со музика, говори и видео проекција на фотографии и видео записи од граѓанските протести во периодот 2014 – 2016 година, почнувајќи од студентските протести, движењето Протестирам/Protestoj, сѐ до Шарената револуција.

Минатата година, преку изложбата и перформансот „Протест(и)“ на Александар Кондев во соработка со ЦИВИЛ и дел од активистите на Шарената револуција, се роди идејата овој ден да се одбележува како ден на граѓанските протести, со што ќе им се оддаде признание на граѓанките и граѓанките што низ годините го креваа гласот во името на слободата, еднаковоста и правдата.

Како и секогаш, поканети се сите граѓанки и граѓани, учеснички и учесници во продемократските граѓански протести да бидат дел од одбележувањето на историското будење на македонската граѓанска свест. ЦИВИЛ ќе поднесе иницијатива до Собранието на Република Северна Македонија да го прогласи 12 април за Ден на протестот, во чест на прогресивните, продемократски вредности за кои се залагаат огромен број граѓанки и граѓани во земјава.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English