Прес центарот на ЦИВИЛ ќе биде отворен цели 18 часа на денот на Референдумот

Тимот за анализи и координација на ЦИВИЛ ќе отвори прес центар во хотел Сити Парк, в недела, 30 септември, кој ќе работи од 6 наутро до полноќ. Прес центарот ќе биде отворен за сите домашни и странски новинарки и новинари во текот на денот.

Прес конференции ќе се организираат во 10:30, 12:30, 14:30, 18 и во 20 часот. Веднаш по прес конференцијата во 20 часот, ЦИВИЛ ќе организира и панел дискусија со експерти од различни области и тоа: Сашо Орданоски, Мирјана Најчевска, Александар Новакоски и Сандра Гавриловска. Панел дискусијата ќе ја води Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Прес конференциите и панел дискусијата ќе бидат пренесувани во живо од 12:30 па натаму.

Од ЦИВИЛ напоменуваат дека, без оглед на тоа што прес центарот ќе биде отворен преку целиот ден, не секогаш ќе биде можно да се даде изјава, поради динамичната агенда во компонентата на анализи и координација на 307-те мобилни набљудувачи на организацијата низ целата земја, а веќе сега се договорени повеќе изјави за странски и домашни медиуми.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да пријават поткуп, притисоци и закани на онлајн пријавата на веб страницата Слободни избори или на телефоните: 02 / 5209 176, 070 / 461 480.

Како организација за човекови права и слободи, основана во 1999 година, ЦИВИЛ се залага за максимално почитување на правото на глас и ги охрабрува граѓанките и граѓаните тоа право и да го искористат. ЦИВИЛ не води кампања, ниту ЗА, ниту ПРОТИВ, а го уважува и правото на гласачите да апстинираат, но остро се спротивставува на говорот на омразата, притисоците и поткупот.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English