Настан што не се пропушта: Конференција „Какви избори – таква иднина“

Конференцијата „Какви избори – таква иднина“ во организација на ЦИВИЛ ќе се одржи во среда, 10 април, во хотел Парк Резиденс (зад градскиот стадион) со почеток во 12 часот. На оваа конференција, претставничките и претставниците на ЦИВИЛ ќе споделат со јавноста недоволно познати детали од досегашниот изборен мониторинг.

За различни аспекти на изборниот процес ќе говорат и: претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, заменик министерот за администрација, Александар Бајдевски, државниот советник при Народниот правобранител, Зоран Билбиловски, уредникот на „Слободен печат“, Бранко Героски, политичкиот аналитичар, Сашо Орданоски, претседателката на Инклузива, Благица Димитровска и низа други.

Говорнички и говорници од ЦИВИЛ ќе бидат: Ангела Петровска, Маја Ивановска, Дехран Муратов и Џабир Дерала, а модераторка на Конференцијата ќе биде Биљана Јордановска од ЦИВИЛ. Злоупотреба на деца и малолетници во кампања, говор на омраза и лажни вести, злоупотреби, притисоци и закани, политичко финансирање и предвременото започнување на изборната кампања се само дел од наодите на ЦИВИЛ што ќе бидат презентирани на Конференцијата.

На конференцијата се поканети, а своето присуство веќе и го најавија повеќе претставнички и претставници на институциите, граѓанското општество, експертите, медиумите и меѓународната заедница.

Во изминатиот период, ЦИВИЛ објави серија интервјуа со највисоките претставници на повеќе релевантни институции и владини претставници, како и со претставници на експертската заедница и медиумите. Воедно, ЦИВИЛ објави и серија едукативни текстови за изборниот процес кои ќе бидат објавени и во онлајн публикацијата со наслов „Сѐ што сакавте да знаете за изборите“ што ќе биде објавена на медиумската платформа на ЦИВИЛ за време на конференцијата.

Веќе со години, во пресрет на изборите, ЦИВИЛ организира конференција од овој вид, со намера да ја зајакне јавната свест и да испорача препораки за одржување слободни, фер и демократски избори. Оваа година, конференцијата се одржува како дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish