ЦИВИЛ со нова серија семинари за слободни избори

ЦИВИЛ – Центар за слобода започнува нова серија семинари на тема Слободни избори за слободни граѓан(к)и кои се во рамките на истоимениот проект на ЦИВИЛ. ЦИВИЛ ќе одржи семинари за слободни избори во Куманово, Битола, Охрид, Штип и Гевгелија. Предност за учество на овие семинари имаат членови и поддржувачи на ЦИВИЛ, како и оние што ги предлага соодветниот регионален координатор во наведените градови.

Учесниците на семинарите ќе се запознаат со неколку различни аспекти на нашата работа поврзана со изборите, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто. Исто така, овој семинар е почетна фаза за градење на широка мрежа за поддршка на процесите кои треба да водат кон слободни избори.

По секој одржан семинар, учесниците се добредојдени да поставуваат прашања и да побараат дополнителни насоки и обука на индивидуално ниво. Мобилниот тим на ЦИВИЛ ќе биде постојано на располагање да дојде во местото на живеење на учесниците или тие ќе можат во секое време да го посетат седиштето на ЦИВИЛ.

Семинарите се еднодневни и опфаќаат теоретски и емпириски аспекти на изборните процеси, изборни системи и системски недостатоци, политичка кампања и улогата на медиумите, мониторинг, известување и едукација за изборните процеси, гласачкото право и човековите права и слободи воопшто , како и практични насоки за мониторинг на изборните процеси.

Од учесниците на семинарот се очекува да останат активни и редовно да доставуваат информации за состојбите на теренот, да бидат едукатори и да ги распространуваат информациите и знаењата во своите средини.

ЦИВИЛ ќе формира и Регионални работни групи за слободни избори на кои ќе покани претставници на политичките партии, општините, граѓанските организации, медиумите, локалните институции, бизнис заедницата, лидерите во заедниците и други заинтересирани граѓанки и граѓани.

Слободни избори за слободни граѓан(к)и е проект кој ќе придонесе во процесот на подготовка на слободни избори во Република Македонија, со поддршка од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Овој проект ја претставува потребата на граѓан(к)ите да се создадат услови за спроведување на избори во демократска атмосфера со почитување на човековите права и слободи, пред сè, со почитување на слободната волја на гласачите.

Проектот воведува уникатни приоди и методологии кои ќе обезбедат информации и знаења врз основа на долгорочен мониторинг на човековите права и политичката ситуација во изборен контекст и воопшто. Исто така, проектот ќе овозможи граѓанска едукација за правото на глас, јакнење на јавната свест за изборните нерегуларности, како и препораки за воспоставување изборен систем кој ќе обезбеди слободни и демократски избори.

Print Friendly, PDF & Email