Ем на работа, ем со еден ден одмор помалку!

Поплавените подрачја во скопскиот регион ги сплотија граѓанките и граѓаните во нивната солидарност и хуманост. Низ цела Македонија се отворија пунктови за донации, но и организирано, со човечки ресурси се помагаше во расчистување на теренот и создавање минимални услови за живот.  Но, на адресата на ЦИВИЛ, пристигнуваат и информации за случаи на злоупотреба на  граѓанките и граѓаните кои доброволно се пријавиле на овие работни акции во отстранување на штетите

Во овој период, автобуси пристигаа од повеќе градови од Македонија, со граѓански активисти, јавна администрација, вработени во приватни фирми или пак, со членови на политичките партии... Настрана кој, колку и како им помогнал на жителите на поплавените подрачја, сепак, на адресата на ЦИВИЛ, пристигнуваат и случаи на злоупотреба на граѓанките и граѓаните. За да биде акцијата помасовна на сликата која ја создаваат медиумите под контрола на власта, се вршат и притисоци врз вработени.

Во една општина во централна Македонија бил направен список на вработените во Општината и во јавните претпријатија, на кој се нашле имињата на околу 200 лица, кои требало организирано да заминат во настраданите реони во скопско. Вработен во едно од јавните претпријатија, откако го видел своето име на списокот на луѓето за расчистување на поплавениот терен, се обратил до претпоставените со молба - дента кога се одело на акција на расчистување во скопско - да остане на своето работно место. Молбата за останување ја образложил со работните обврски за тој ден, кои немало кој друг да ги заврши во јавното претпријатие. Добил одобрување да остане да работи во претпријатието и да не замине на расчистувањето, но некому му било многу важно „доброволците“ да бидат што побројни и не дозволувал исклучоци. Така, наредниот ден, вработениот кој си ги исполнувал работните обврски, забележал дека денот му е пишан како искористен од годишниот одмор!

poplava

Правникот на фирмата му потврдил дека помагањето во поплавените подрачја е на доброволна основа и дека не е задолжително, потенцирајќи го и фактот дека тој, истиот ден, бил на работа и си ги исполнувал своите редови работни обврски.  Истовремено, правникот го упатил до неговите надредени кои се одговорни за таа одлука.

Но, на лицето вработено во јавното претпријатие, иако разговарало и со директорот, „казната“ сепак му останала, па иако бил револтиран, се помирил со неа. А уште двајца негови колеги, од кои едниот, исто така, бил на работа, а другиот, на однапред најавено отсуство поради болест, сé уште чекаат одговор од претпоставените, зошто им е одземен ден од одморот.

Биљана Јордановска


Forward

Овoј текст е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish