„Или список со лица кои ќе гласаат за ДПМНЕ, или леташ од работа!“

Во училиште во еден од поголемите градови во Македонија се врши притисок врз вработените да прават списоци со сигурни гласачи. Вработените се принудени да направат список со 15 лица кои сигурно ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на изборите, закажани за април 2016.

„Сакав да ѝ се потпишам, само колку да им однесе список, за да си ја задржи работата“, ни изјави изворот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, кој сведочи за притисокот извршен врз неговата колешка. „Но, ѝ реков дека нема да гласам за ВМРО-ДПМНЕ. Таа го одби мојот потпис, затоа што морала да однесе список со сигурни гласачи. Бидејќи, по претходните избори, од партијата ја опоменале дека дел од лицата што им ги доставила на списокот на сигурни гласачи, сепак, не гласале. И, дека, доколку ѝ се повтори истата „грешка“ - да им однесе список од 15 лица, а тие да не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ќе ја избркале од работа“, дополнува граѓанинот кој сакаше да остане анонимен.

Според информациите од теренот, се врши голем притисок. Дури и пасивизираните  членови на владејачката партија, мора да се активираат директно меѓу граѓаните. Тие мора да споделуваат пропаганден материјал на социјалните мрежи, да коментираат и лајкуваат сé што е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ, за да избегнат закани по работното место.

Ова е уште еден случај на злоупотреба на власта и на невиден притисок врз граѓан(к)ите. Правото на глас е загарантирано и никој не смее да ги заплашува и манипулира граѓан(к)ите слободно да ја изразат својата волја.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email