ЦИВИЛ повикува на почитување на принципот на ненасилство во политиката

Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува на 2 октомври, воедно и роденден на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство.

Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271. Според резолуцијата, Меѓународниот ден на ненасилството е можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест“. Овој меѓународен документ на кој е обврзана и Република Македонија, како земја-членка на ОН, ја реафирмира „универзалната релевантност на принципот на ненасилство“ и стремежот „да се обезбеди култура на мирот, толеранцијата, разбирањето и ненасилството“.

Следејќи ги принципите на ненасилство и непоколебливата заложба за човекови права и слободи, долго пред овој принцип да стане и официјален датум во календарот на ОН, од почетокот на своето постоење како организација во 1999 година, но и пред тоа, како неформална иницијатива, од 1995 година, ЦИВИЛ дејствува според принципите на ненасилството како стратегија.

Според резолуцијата, На овој ден, владите на државите-членки на ОН, се повикани да го одбележат Меѓународниот ден на ненасилството, да ја шират идејата за ненасилство и со конкретни заложби, мерки и програми да придонесат кон надминувањето на насилството.

mahatma-gandhi-quotes - CopyДенешната слика за Македонија не е подобрена. Општеството и државата се соочени со континуирано структурно насилство и бројни инциденти на политичко насилство и безбедносни проблеми.

Своето изборно набљудување ЦИВИЛ и го започнува токму како организација која се залага за ненасилство и во политиката, а особено во изборните процеси во 2008 година. Таа година беше во знакот на тешки изборни нерегуларности и екстремно насилство во изборниот процес, кога животот го загуби едно лице, а изборниот процес беше исполнет со тешки и насилни инциденти.

Затоа, во сите изборни процеси кои нашата организација ги набљудува, го истакнуваме и бараме од политичките центри за моќ да го почитуваат принципот на ненасилство.

„Ненасилството е најголема сила која е на располагање на човековиот род. Тоа е помоќно и од најмоќното оружје за уништување создадено од ингениозноста на човекот“ – вели Ганди.

Неговиот живот и успехот да ја ослободи Индија од колонијалното ропство со примена на принципот на ненасилство е повеќе од доволен доказ за неговиот став.

Ненасилството ни оддалеку не значи пасивност и предавање. Напротив, тоа е динамична политичка и општествена активност во која е потребно вклучување на што е можно поголем број свесни граѓанки и граѓани. Ги повикуваме сите наши сограѓанки и сограѓани да одвојат малку време на овој ден и да размислуваат за принципот на ненасилство како стратегија за постигнување на сите цели во животот и политиката.

Print Friendly, PDF & Email