Новаковски: Распуштањето на Собранието на 17-ти октомври е во законски рок!

СДСМ денеска поднесе Иницијатива за распуштање на Собранието, затоа што веќе почнаа да течат законските рокови за распишување избори кои се договорени на 11-ти декември, согласно со анексот на Договорот од Пржино. Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески, сите спорни прашања околу законите, коишто ги бара Специјалното Јавно обвинителство (СЈО) и договорот за изборните единици можат да се решат во еден ден. Според експертот на ЦИВИЛ, поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, предуслови се создадени, но „до фер и демократски избори, има уште многу, многу работа“...

И пратеникот Павле Трајанов (ДС) поднесе Иницијатива за распуштање на Собранието.

sobranie

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, како што соопшти неговиот кабинет, точката за распуштање на Собранието ја стави на дневен ред на седницата закажана за понеделник (17.10.2016).

„Претседателот Вељаноски, почитувајќи ги во целост преземените обврски, согласно со разговорите на најголемите партии со посредство на меѓународната заедница, ја информира јавноста дека точките за распуштање на осмиот состав на Собрането ќе бидат дополнети на дневниот ред на седницата која е закажана за 17-ти октомври, по точката која се однесува на усвојувањето на Буџетот за 2017 година“, соопштија од кабинетот на Вељаноски.

boenje pred sobranie 8 dena

Но, подвоени се ставовите на правните експерти, околу законитоста на одлуката за распуштање на Собранието за 5 дена подоцна, на 17-ти октомври. Според професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ, ваквата одлука ја загрозува уставноста на целиот изборен процес.

„Уставот ќе биде прекршен доколку пратениците не се распуштат на 12-ти октомври. Највисокиот правен акт дава рок од 60 дена и тоа не може да се менува со закон, дури и кога се работи за предвремени избори“, изјави Шкариќ во медиумите.

Експертот на ЦИВИЛ, поранешниот претседател на ДИК, Александар Новаковски, пак, подвлекува дека распуштањето на Собранието на 17-ти октомври е во рамки на уставниот рок за предвремени избори.

novakovski-sandra-470x246

„Распуштањето на Собранието на 17-ти октомври е во рамки на уставниот рок за предвремените избори, каде максималниот рок е 60, а минималниот - 45 дена до денот на одржување. Има доволно време за да се извршат сите крајни подготовки, задолжителни едукации за изборни програми, согласно со Изборниот законик“, изјави Новаковски, за ЦИВИЛ Медиа.

Тој смета дека се исполнети сите предуслови за да се одржат кредибилни избори.

„Се формираше нова комисија, колку се адекватни кадровските решенија не би зборувал, но знам дека се прифати списокот од четирите партии, согласно со нивната методологија. Значи, ДИК го прочистуваше Избирачкиот список врз основа на утврдена методологија од четирите политички партии. Тие го прифатија ова решение, што значи, барем мнозинството кое што ќе учествува во изборниот процес се согласува со тоа решение. Останува изборната администрација како ќе ги направи подготовките, од тоа ќе зависи целосно дали ќе се почитува кампањата, дали ќе се почитува финансирањето... Ние сме далеку од тоа да кажеме каков ќе биде изборниот процес, но предуслови се создадени. Прво, има техничка Влада, првпат за спроведување на избори, опозицијата контролира неколку битни ресори, така што, предуслови, да - има, но за да се има и да се дојде до фер и демократски избори, има уште многу, многу работа“, акцентира Новаковски.

Според него, реализацијата на кредибилни избори ќе зависи од однесувањето на сите субјекти-учесници во изборниот процес.

„Почнувајќи од денеска, па до постапката по жалби и приговори, од тоа што ќе се случува, ќе зависи кредибилноста на изборниот процес. Нам не ни се доволни само мирни и технички добро спроведени избори, туку ни е потребно, многу повеќе за да добиеме добра оценка“, вели Новаковски за ЦИВИЛ Медиа.

Инаку во петок во Македонија, се очекува да допатува европратеникот за проширување Јоханес Хан, којшто според најавите, треба да оствари средби со лидерите на четирите политички партии потписнички на Договорот од Пржино и со претставници на Специјалното јавно обвинителство.  Пораките на евродипоматите досега се да се одржат кредибилни збори на договорениот датум.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English