ЦИВИЛ на работни средби во Штип и Велес

ЦИВИЛ – Центар за слобода денес, продолжува со својот јануарски поход. Првиот состанок на Регионалната работна група за слободни избори, во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, ќе се одржи во Штип, во општинската сала, со почеток во 16:30 часот.

На состанокот се поканети локалните претставници на политичките партии, претставници на локалните граѓански здруженија и медиумите.

Работна средба во ШтипНа средбата ќе се дискутира за актуелната политичка криза, за состојбата на медиумите, за притисоците, заканите и уцените, за политичката дискриминација, кршењето на гласачкото право и злоупотребите на јавната администрација. Со штипјани ќе разговараме и за престојниот јавен настан „Сите за слободни избори“ на 16 јануари, за кој ЦИВИЛ подготви видео-содржини и печатен материјал. Со оглед дека националните медиуми во Македонија не емитуваат објективни и информативни вести за придонесот на граѓанското општество кон надминување на политичката криза, за демократизацијата и за слободните избори, на штипскиот плоштад, на видео-бим ќе бидат емитувани содржини, продуцирани од ЦИВИЛ Медиа, а штипјани ќе можат да учествуваат и во фото-петицијата за поддршка на слободните избори.

По состанокот во Штип, тимот на ЦИВИЛ продолжува во Велес каде ќе одржи  работна средба на мониторинг тимот на ЦИВИЛ во рамки на проектот „Моето гласачко право“, на која ќе се дискутираат извештаите од мониторингот на велешкиот регион.

Мониторинг тимот во Велес веќе известуваше за регионалната политичка состојба и тенденциите на владејачката партија за присвојување и за партиски „ексклузивитет“ врз македонската историја, особено во предизборниот период. Нивните извештаи кои пристигнуваат во континуитет се добар извор на информации за активниот, предизборен, партиски ангажман, преку закани, уцени и континуирано кршење на гласачкото право.

ЦИВИЛ - Центар за слобода засилено и долгорочно го набљудува предизборниот период  и е во фаза на подготовка на мониторинг-тимови низ целата земја за престојните предвремени избори.

Print Friendly, PDF & Email