ЦИВИЛ прибира апликации за изборни набљудувачи

ЦИВИЛ ќе постави инфо-штанд на проектот за изборен мониторинг „Набљудуваме!“ в среда, 21 септември, на платото пред Универзитетот на ЈИЕ на влезот во Старата Чаршија со почеток во 12 часот. 

ЦИВИЛ - Центар за слобода ги интензивира активностите за комплетирање на тимовите за изборно набљудување. Од денеска започнува нова кампања за прибирање апликации за изборни набљудувачи.

Отворени се позиции за краткорочни набљудувачи (за денот на изборите), долгорочни набљудувачи (активни најмалку четири недели пред денот на изборите и најмалку една недела по изборниот ден) и мобилни мониторинг тимови низ целата земја. За аплицирање потребна е кратка биографија (до 1 стр.) со контакти, мотивациско писмо (половина страна) и фотографија (за легитимација, доколку се прифати апликацијата).

Воедно, се очекува од апликантите да ја пополнат Изјавата за поддршка на ЦИВИЛ, со што стануваат дел од структурата на ЦИВИЛ и добиваат можности за учество во проектите за изборно набљудување, но и во сите други проекти кои ги спроведува организацијата.

Поставувањето инфо-штандови е еден од начините за директна комуникација со граѓанките и граѓаните кој ЦИВИЛ го негува речиси две децении.

Заинтересираните полнолетни граѓанки и граѓани ќе добијат основни информации за изборното набљудување на ЦИВИЛ и на лице место да ја започнат процедурата за аплицирање за позиција во ЦИВИЛ, доколку ги донесат потребните документи за аплицирање.

Инфо-штандовите на ЦИВИЛ се место каде се прибираат и пријави за злоупотреби, уцени, притисоци, партиски вработувања, корупција. Пријвувањето за кршење на човековите права и слободи во изборен контекст може да се направи и преку веб страницата за слободни избори која ЦИВИЛ ја постави пред две години. За информации преку социјалните мрежи, достапна е и Фејсбук страницата Слободни избори.

Проектот „Набљудуваме!“ е поддржан од Амбасадата на САД во Македонија.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish